Црвен крст одговара: Како ќе бидат распределени парите кои граѓаните ги донираа за поплавените подрачја?

crven-krst-donacii

Генералниот секретар на Црвениот крст на РМ, Саит Саити, дава одговор на прашањата кои како сомнеж се појавија во јавноста за работата по големите поплави.

„Каде завршуваат парите на граѓаните ги донираат за поплавените? Кој располага со нив и за што се трошат“? Сомнежите во овие прашања се појавија после отворањето неколку сметки наменети за донации за поплавените региони.

Досега собраните 40 милиони денари (650 000 евра) преку жиро сметката на „Фондот на солидарност“ и преку телефонскиот број за донации 143 400, одат во Црвениот крст. Како што информираа од организацијата, тие се собираат на едно место и се наменети да се поделат на настраданото население по завршување на кампањата која ќе трае до 21 август.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити објаснува дека овие средства немаат никаква врска со обештетувањето кое го најави Владата или со други организации или групи кои собираат хуманитарна помош.

– Овие пари стојат на страна и никој не смее да ги чепне без одлука на извршен одбор и без критериуми за поделба. Тоа е посебна наменска сметка каде не влегуваат никакви други пари. За да почнеме да трошиме пари мораме да имаме инструмент со кој ќе ја утврдиме потребата на луѓето. Деновиве се спроведува проценка и увид , потоа Бирото за судски вештачења ќе направи проценка на штета, која ќе ја споредиме со нашите проценки од терен. Тогаш ние ќе знаеме на кого да ги поделиме средствата. Парите ќе се делат на трансакциска сметка на секој корисник – вели Саити.

Тој е дециден дека организацијата постојано работи на истиот начин, но овој пат вели дека се непотребно ставени под сомнеж.

– Овој пат не ставија во машина без потреба. Секогаш сме работеле максимално транспарентно, коректно и со увид на јавноста. Само што ова сега се случува во вакви услови во државата – максимално исполитизирано општество и различни интереси. Ние не сме ни владин, ни провладин, ни опозициски, туку сме Црвен крст на Република Македонија – вели тој.

За дилемите околу средствата кои стигаат од странски држави, Саити информира дека досега имаат добиено 5 илјади евра од бугарскиот, 7 илјади евра од словенечкиот и денеска треба да добијат 10 илјади евра од босанскиот Црвен крст. Во Србија и Хрватска се спроведува слична кампања како овде, па висината на помошта од таму ќе се знае откако кампањите ќе завршат.
Најавата за 500 илјади евра помош од Австрија, вели Саити, би требало да биде во вид на заеднички проект кој австрискиот Црвен крст ќе го аплицира пред нивната Влада. Тие ќе одлучат како ќе се трошат нивните пари, а македонската организација ќе биде само нивна логистика во земјава.

– Исто така Црвениот крст на Македонија, во вакви ситуации, прави апел односно операции од `итните фондови за одговор`. Тоа може да биде максимум 300 илјади франци. Тоа е направено вчера, очекуваме денеска да ни го одобрат. Со тие пари ќе набавиме дополнителна количина храна, хигиенски средства и останати потреби кои се проценети на терен. Средствата кои се пријавуваат дека се праќаат како помош од странство одат во тој фонд во Женева и нивните средства ќе ги добиеме како дел од тој фонд. Тоа се европски механизми кои се јасни и транспарентни и не можете никого да лажете – објаснува Саити.

На прашањето каде беа првите денови по поплавата тој објаснува дека големиот број на погодените жители, како и непристапниот терен биле причини зошто првите неколку денови Црвениот крст не можел да реагира секаде каде што било потребно.
„Ние работиме на принцип на категоризација на ранливоста. Никој не знае дека првите денови ние вршевме евакуации. Бевме сконцентрирани да спасуваме човечки животи, а не да делиме грав. Ако не немаше некаде првите два-три дена, значи имаме приоритети“, вели тој.

Ги отфрла обвинувањата дека постоела селективност во делењето помош. Вели дека нивните волонтери не биле единствени кои носеле помош. Освен роднини и пријатели, помош носеле и партиски активисти и тоа не треба да се припишува на Црвениот крст, кажува тој. Според него погрешен бил пристапот. Наместо да се врши хуманитарна помош, населението се компензирало со храна. Невозможно е одеднаш да се нахранат 25 илјади луѓе, вели тој и додава дека хуманитарната помош не е благосостојба – туку поддршка на најранливите категории за запазување на минимумот за живот.

Саити најавува дека во наредниот период ќе го снабдуваат населението со храна и хигиенски средства како поддршка на нивните буџети, ќе се одвојат одредени групи кои имаат потреба од посебна помош, а ќе одржуваат и обуки за подршка на трауматизирани лица, се наведува во реакцијата од Црвениот крст на Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.