Со одигрувањето на последниот турнир во пинг понг во најсилната Супер лига, заврши есенскиот дел на првенството. Нов есенски првак е екипата на Младост 96 со максимален учинок, девет победи од девет одиграни натпревари и заслужено го освои првото место.
На второто место се наоѓа уште една прилепска екипа, Младост, кои единствениот пораз во есенската полусезона го забележаа против градскиот ривал Младост 96.
Во последните две кола Младост забележа минимални победи од 4:3, против директните конкуренти за второто место, штипскиот Шампион ФА и екипата на НЕЦ 2 од Скопје.
ППК Младост96 во последните две кола ги победи екипите на Крива Паланка 2007 со 4-2 и екипата на Радовиш со 4-0. Изгледот на табелата покажува дека Прилеп останува град на пингпонгот, град кој важи за центар на пингпонгот во Македонија.
Есенскиот првак Младост96 и пред почетокот на сезоната важеше за прв фаворит, а со игрите во првенството тоа и го докажа. Одличниот тим кој во своите редови ги има најдобрите играчи во Македонија, Станојковски, Костовски Рикалоски и Лашкоски, надополнет со Костадиновиќ (српски репрезентативец), и нашинецот од Шведска Рустемовски, под палката на тренерот Тошески, го остварија планот на управата.
До почетокот на пролетниот дел на првенството, и почетокот на Европскиот куп во февруари 2021 година, раководството на клубот го презентираше планот на екипата.
Најпрво екипата ќе учествува на силен турнир во Војводина во месец ноември, потоа ќе има заеднички припреми во Прилеп во декември, и кон крајот на јануари заеднички подготовки во Суботица со српскиот суперлигаш Спартак.
Во меѓувреме во ноември се и бодовните мастерс турнири, за учество во репрезентација. Рикалоски и Рустемовски ги имаат и бодовните турнири до 21 година.
Важно е да се потенцира дека на сите натпревари од петте турнири кои се одиграа во СЦ “Борис Трајковски” – А1 арена, максимално се почитуваа препораките за борба против коронавирусот од сите клубови и поединци, и без ниту еден позитивен случај на Koвид-19 првенството се доведе до крај на есенската полусезона.