Во време кога секојдневно сведочиме на рамнодушност, една млада девојка од Прилеп покажа дека човечноста и добрината сè уште живеат.
Среде бел ден, во самиот центар на градот, Ангела забележала беспомошно кученце заглавено во старата распадната куќа отспроти Центарот за култура “Марко Цепенков”. Без двоумење и без страв, таа се искачила по нестабилниот ѕид, ризикувајќи го својот живот за да го спаси малиот живот што барал помош.
Со многу храброст, внимание и љубов, таа успеала да го спушти кученцето на безбедно место — а потоа и да го згрижи.
-Случајно поминав, луѓе стојат бараат начин да го симнат, иако теренот не е баш пристапен љубовта кон животните беше посилна.
Јас си знам како се качив , па и како се симнав со моите 100+кг ама душата ми е полна…И благодарам и на девојката што го снимила моментот, ова не го објавувам за фалање ами за поттик на сите сограѓани кога животните се беспомошни да им помогнат. Пс. Пред да ме осудите и мене и дечкото како го креваме кучето само да кажам дека скали нема се качив по ѕидот и терасата е испукана можевме заедно да се срушиме – напиша Ангела на ФБ.
Овој чин на несебичност е потсетник дека хероите не секогаш носат наметки — понекогаш се само луѓе со големо срце кои не можат да поминат рамнодушно покрај туѓа болка.
Да и се заблагодариме на оваа девојка за примерот што го даде. Секој од нас може да направи нешто мало, што значи многу.
Подоцна Ангела во нова објава напиша дека кученцето е згрижено од страна на PetLand Prilep, прегледано, прочистено, вакцинирано и нахрането.

























