„Осми Август“ е насловот на песната која прилепската група „Балканика“ ја отпеа на овогодинешниот фестивал Гоце Фест 2017. Во песната се опшува херојското дело и смртта на десетте прилепски бранители кои во конфликтот во 2001г беа кукавички убиени кај месноста Карпалак. Тие својот живот го дадоа бранејќи го интегритетот и суверенитетот на Македонија.
Групата „Балканика“ за оваа песна беше наградена со признание за најдобри дебитанти на фестивалот Гоце Фест 2017. Токму по тој повод денеска остварија средба со градоначалникот Марјан Ристески кој исто така беше дел од учесниците на Карпалак. Заедно со групата Балканика средба остварија и претставниците од здружението „Карпалак“.
„Балканика одговорно и напорно работеше во подготовка на оваа песна, чуствувавме обврска, но и должност да направиме песна која ќе го овековечи овој немил настан, а која ќе остане како аманет на многу генерации да ги потсетува на нашите борци и херои, на Нашите прилепчани кои животот го дадоа за Македонија“, истакна Мендо Ташкоски член на групата Балканика.
Од здружението „Карпалак“ порачаа денешните генерации да не го заборават ова херојско дело и да продолжат да го следат нивниот пример во одбрана на суверенитетот и интегритетот на нашата земја. Ацо Јованоски – Реган од здружението „Карпалак“ се заблагодари на посветената песна и настанот од 2001.
„Во мое лично име како Градоначалник на општина Прилеп, од името на граѓаните на Прилеп и како учесник на Карпалак сакам да им се заблагодарам на групата Балканика за создавањето на оваа песна во чест на овој голем настан од поновата историја кога 10 прилепски резервисти херојски загинаа за Македонија, се недевам дека песната ќе стане голем хит и ќе влезе во ризницата на оние песни кои опеваат историски настани“, посочи градоначалникот Марјан Ристески во својата изјава.
Според Роберт Ристевски вокал во групата „Балканика“, песната „Осми Август“ наиде на одлични критики од стручното жири, но и на овации од публиката. Музиката и аранжманот се на Мендо Ташкоски, а текстот е на Душко Темелкоски.
Балканика деновиве доби и признание за ГРУПА НА ГОДИНАТА од фондацијата „ТАКЕЦ“ во Битола.
Во продолжение проследете ја наградената песна: