Се огласи и Пандев: Овие се најголемото зло во македонскиот фудбал! (ФОТО)

Великанот на македонскиот фудбал, калчо-иконата Горан Пандев не можеше да не реагира на историската бламажа на Македонија со поразот од 0-7 од Англија синоќа на „Олд Трафорд“, како кулминација на пропаста на националниот тим, кој пред само година ипол живееше мундијалски сон, а поред две лета играше на Европското првенство.

Тоа што Пандев уште во новогодишното интервју го посочи „дека претседателот Муамед Сејдини, спортскиот директор Данчо Масев и селекторот Благоја Милевски ја растурија македонската репрезентација“, сега Пандев ги посочи како – најголемо зло во македонскиот фудбал.

„Најголемото зло што некогаш постоело во македонскиот фудбал. Нека ни е на чест на сите“, напиша Пандев со коментар на сликата на која се посочените личности.

Пандев уште пред историскиот прв настап на Македонија на ЕП 2020 влезе во жестока војна со ФФМ и раководството, иницирано од обидот да се смени тогашниот селектор Игор Ангеловски, а потоа за поделбата на премиите за пласманот на континенталниот шампионат и самонаградувањето на фотелјашите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.