(ФОТО) Ристески денеска во друштво со охриѓани: Презентирани мерките од Оперативниот план за вработување на Владата и во Охрид

Информативен ден за презентирање на мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година денес се одржа во Општина Охрид, каде мерките и активностите пред присутните ги презентираа претставници од министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Агенцијата за вработување.

Во рамки на информативниот ден на присутните им се обрати Пеце Стефаноски од Охрид кој им ги пренесе своите искуства од користењето на мерката „Вработување со грант“. Тој користејќи ја оваа мерка ја основа својата фирма „Лидер Стакло“ специјализирана за стакларски услуги, која благодарејќи на неговата посветеност и визија бележи успешен развој. Дополнително, преку искористување на мерката „Субвенционирање на плати“ Стефаноски во компанијата вработува уште едно лице со што директно придонесува кон локалниот економски раст и креирање на нови работни места.

Во моментов активните се два јавни повици од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.

Првиот јавен повик е за мерката „Поддршка за креирање на нови работни места“, подмерка – Вработување и раст на правни субјекти, преку која се дава поддршка во креирање на нови работни места во микро, мали и средните претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации. Со мерката на претпријатијата им се дава грант за вработување на невработени лица, каде истата се движи од 160.000 до 220.000 денари, во зависност од целната група, а јавниот повик отворен до 04.07.2025 година.

Вториот активен јавен повик е за подмерката „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ со која на невработените лица им се овозможува обука во времетраење до (3) месеци во работните простории на работодавачите согласно Програма за обука. Во овој период на невработеното лице ќе му биде исплатен месечен паричен надомест од 12.000 денари месечно со вклучено осигурување и данок на личен доход за времетраењето на обуката до 3 месеци, додека работодавачот има обврска да вработи најмалку 50% од вклучените лица во обуката со полно работно време во траење од најмалку 3 месеци.

На работодавачот ќе му биде исплатен еднократен износ од 25.000 денари по обучено лице по завршена обука, а огласот е активен до 30.11.2025 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.