Голем број граѓани чекаат пред Агенцијата за вработување во Прилеп за подигнување на вредносни ваучери за инвертери кои ги доделува Министерството за енергетика.
Оваа мерка е во насока на остварување на целите на Владата за поддршка на животниот стандард на граѓаните и намалување на аерозагадувањето.
Изборот на добитниците на вредносните ваучери, како и изборот на правните субјекти кај кои ќе може да се искористат вредносните ваучери, беа спроведени од страна на Министерството за економија, согласно критериумите на јавниот повик. По направениот избор, новоформираното Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е одговорно само за организирање на доделувањето, соопштија од Министерството.
Освен во Прилеп, вредносни ваучери се делат и во Битола во спортската сала „Боро Чурлески“ од 9 до 17 часот, како и во Скопје во салата „Борис Трајковски“.
За останатите градови, подигнувањето на вредносните ваучери ќе биде во центрите за вработување за што Министерството склучи меморандум за соработка со АВРМ.
За граѓаните што нема да бидат во можност да ги подигнат ваучерите на одредениот датум, обезбедена е дополнителна флексибилност – ваучерите да можат да ги подигнат до крајот на месецот, во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Вкупниот број на домаќинства кои ќе добијат вредносен ваучер преку двете програми изнесува 6.182 домаќинства.
Преку програмата за енергетска ефикасност во домаќинствата добитници на вредносен ваучер од 23.000 денари или 25.000 денари се 4.591 домаќинствo, а преку програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија добитници на вредносни ваучери во вредност до 30.000 денари се 1.591 домаќинство.