ФОТО: Постхумно одликувани осуммината припадници на безбедносните сили на МВР

Претседателот Ѓорге Иванов денеска со „Орден за воени заслуги“ ги одликува Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи, а со „Медал за храброст“ посмртно ги одликува и осумтемина припадници на безбедносните сили на МВР кои на 9 мај 2015 година загинаа при антитерористичката операција во Куманово.

received_10208033114057132

– Со овие медали за храброст ние нема да ги вратиме назад. Нема да ги избришеме солзите на нивните родители, сопруги, деца… Нема да ја исцелиме болката на нивните пријатели и другари. Нема да ја вратиме радоста во нивните домови, рече Иванов.

Но, како што посочи, со овој чин јасно покажуваме дека Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ не се заборавени.

– Нивната жртва не беше залудна. Напротив. Тие загинаа за нашите деца да имаат мирен сон, но и за побезбеден живот на нашите сограѓани, а со тоа и за заштита на националната безбедност на Република Македонија, додаде претседателот Иванов.

На 9 мај, на Денот на победата и Денот на Европа, како што истакна Иванов, бранејќи го нашето осумзрачно сонце, осум херои ги положија животите.

– Тажно е што наместо да им се оддаде должна почит, во јавноста се ширеа разни шпекулации, обвинувања и коментари во кои припадниците на полицијата беа омаловажувани и понижувани, рече Иванов.

Осумте херои, додаде, со својата жртва спречија дестабилизација на државата и конфликт што можеше да има несогледливи последици за мирот, безбедноста и стабилноста на Македонија и поширокиот регион.

received_10208033189539019

– Во годината кога требаше да славиме четврт век независност, станавме нација заразена со сомнежи. Се шири недоверба во институциите и страв меѓу граѓаните. Македонското општество е поделено по речиси сите основи. Длабоката политичка криза го намали безбедносниот имунитет на Република Македонија, оцени македонскиот претседател.

Безбедносните сили, како што истакна Иванов, чувајќи го јавниот ред и мир низ нашата татковина спречуваат насилно уривање на државните институции, го заштитуваат животот, личната сигурност и имотот на граѓаните.

Во контекст на тоа додаде дека полициските службеници во овој период минуваат низ троен предизвик. – Врз вашите плеќи, вие и вашите браќа по оружје од АРМ ја носите тежината на мигрантската криза и насилството на границата. Се соочувате со безбедносните закани од тероризмот и од насилниот екстремизам, насилните акти во градовите и последиците од политичката криза, додаде тој.

Шефот на македонската држава оцени дека е крајно време да го отфрлиме духот на поделбите, нетрпеливоста и омразата кон политичкиот противник и конечно, како што рече, да се помириме и  да се сплотиме околу државниот интерес. – Оттука, нивната жртва е влог кон иднината и помирувањето на Македонија, истакна Иванов.

received_10208033191619071

Шефот на македонската држава во оваа пригода ги повика сите Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи, атеисти…, како што рече да ги охрабриме и да ги поддржиме безбедносните сили во нивната мисија, но и да ја споделиме нивната надеж и верба во Македонија. – Верба дека Македонија има сила да ги надмине поделбите и одново да се издигне. Верба дека доаѓа нова генерација млади и посветени луѓе кои ќе работат за подобра иднина во Македонија. Со тоа, во вистинска смисла на зборот, ние ќе ја искажеме нашата благодарност кон хероите на Македонија, додаде Иванов.

На доделувањето на ордените присуствуваа министерот за одбрана Зоран Јолевски, заменик министерот за внатрешни работи Митко Чавков, припадници на безбедносните сили и членови на семејствата на македонските херои.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.