Новата градинка во населеното место Големо Коњари во близина на Прилеп денес беше пуштена во употреба. Таа е сместена во состав на основното училиште „Страшо Пинџур“. Капацитетот на градинката е за околу 20-тина дечиња, а инвестицијата изнесува 600.000денари.
-Ова е историски момент за н.м. Големо Коњари затоа што за прв пат во историјата на ова село тука се отвора градинка. Навистина просториите се преубави и тие можат да опслужуваат 20-тина деца. Толкава беше првичната анализа и потребата на жителите. Комплетната реконструкција чинеше 600.000 денари со преадаптација на дел од просториите во училиштето, а во изминатиов период за целокупнареконструкција на училиштето беа инвестирани околу 6 милиони денари, бидејќи тоа не беше реконструирано уште од 1926 година. Со овие инвестиции се создадоа одлични услови за работа и учење во ова училиште и сакам да напоменам дека доколку во иднина има потреба за отворање на повеќе места во градинката ние сме подготвени да го прошириме капацитетот. Услугите на градинката можат да ги користат и соседните населени места. Во периодот кој што следува ќе работиме на тоа да доколку и во други населени места има вакви простории и нив да ги преадаптираме во градинки, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Општина Прилеп во изминатиот период особено внимание посвети на зголемување на капацитетите за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст со отварање на нови објекти наменети за детски градинки или реконструкција и адаптација на постојни објекти, со што значително се зголеми капацитетот, а со тоа и опфатот на деца од 0-6 години.
-За само неколку години капацитетот на ЈОУДГ „Наша иднина“ од Прилеп се прошири за околу 200 места. Се отворија градинки и во населените места Канатларци, Беровци и Тополчани. Оваа група во Големо Коњари е четврта која се отвора во рурални средини. И таа е 47-ма група на деца во состав на нашата установа.Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на несебичноста и огромната поддршка која ја добивме од страна на Општина Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески, а исто така во однос на отворањето на оваа група сакам да се заблагодарам на училиштето „Страшо Пинџур“ и сите вработени во оваа установа“, рече Христина Трпческа, директорка на ЈОУДГ „Наша иднина“ од Прилеп.
Жителите од Големо Коњари презадоволни од отворањето на градинката во нивното населено место.
-Одлично е тоа што се отвори градинка во Големо Коњари и за нас како родители така и за децата. Градинката ќе биде од голема помош, ние ќе имаме повеќе слободно време за нашите работи, а децата ќе се забавуваат, повеќе ќе научат и ќе стекнат нови искуства. Исто така оваа градинка е важна и за поголема социјализација на најмладите, рекоа дел од родителите.
Во 2013 година беше реконструирана градинката „Бончејца“ во Прилеп, проект вреден 6.700.000 денари, а лани нова градинка беше отворена и во преадаптираните простории на „Работнички универитет“ каде се сместени околу 60-тина деца. Оваа инвестицијачинеше 1.5 милиони денари.
Во меѓувреме е завршен тендерот за преадаптација во градинка на првиот спрат во ООУ „Рампо Левката“, овој проект ќе ќини 3 милиони денари. Градинката ќе има капацитет за 100-тина деца. Овој проект се очекува да биде завршен за околу месец и половина.
Во програмата на Владата и Министерството за труд и социјална политика во иднина се планира Прилеп да добие и градинка со голем обем која би се градела во населбата Точила, со што треба да биде решен проблемот со сместување на децата од претшколска возраст од овој дел на градот, а нова градинка од голем обем ќе добие и населбата Рид.