Универзалната сала во Прилеп – некогашниот спортски храм кој се полнеше до последно место на мал фудбал, ракомет, кошарка… на разни културни и музички случувања…. денеска се’ уште тоне во мрак, во сивило, и од ден во ден се повеќе пропаѓа.
Желба на сите спортисти е овој спортски објект да се стави во функција час поскоро, а сите погледи и надежи се насочени кон Министерството за спорт.
Разгледувајќи ја Универзална сала со својот тим, министерот за спорт Ристовски, во јули годинава изјави дека во најбрз можен рок ќе биде ставена во употреба.
„Ќе се реновира, обнови, гледам дека нема големи градежни зафати, дека причините за нејзиното досегашно нефункционирање било повеќе од политичка природа, затоа под итно ќе се отстранат имотно – правните пречки и ќе бидат анулирани сите градежни недостатоците на салата, со цел оваа спортска сала да функционира. И, сметам дека до почетокот на натпреварувачката сезона, септември/октомври, Прилеп и спортските клубови во Прилеп ќе имаат една функционална сала„– најави Министерот за спорт, Борко Ристовски.
Засега нема активности за враќање во употреба на спортскиот храм на прилепчани. Надежите се дека со новиот буџет недостатоците ќе се решат, а спортистите ќе се вратат во својот дом.