Во текот на вчерашниот ден, во раните утрински часови во битолската полиција било пријавено дека три малолетни лица оштетуваат дел од фонтаната на плоштадот Магнолија.
По брзата реакција на полицијата, сторителите избегале од местото во различни правци. Од страна на припадниците на полицијата во близина на фонтаната, во паркот кај Градскиот часовник, е пронајдена едната украдена бакарна лента од бордурата на штитот на фонтаната во должина од четири метри.
За ова информираат од општина Битола, од каде и упатуваат апел до жителите на градот, да не ги оштетуваат јавните придобивки кои им служат на сите граѓани, а истовремено претставуваат слика и белег на Битола за секојдневните посетили.
Воедно, општината ги поздравува пријавителите на вакви настани и ги охрабрува истото да го прават и во иднина, со што би се спречиле или намалиле штетите од ваквите девијантни појави на несовесните граѓани.
Голема благодарност општината упатува и до припадниците на СВР Битола, кои веднаш реагирале и не дозволиле штетата да биде уште поголема, како и за постојаната взаемна соработка со цел да се сочуваат јавните добра и придобивки за сите граѓани.