Во саботата на 8. јуни, по четврт пат се одржа планинарскиот марш под мотото: “Господи Исусе Христе чувај ја Македонија”. Вљубениците во природата и убавините на Македонија, се искачија на планинскиот врв Козјак на Бушева Планина, или како што велат крушевчани: “Кај крстовите”.
Традицијата која започна од 2021 година се одржува во првата сабота од месец јуни, а откако планинарите ќе се искачат на планинскиот врв, свештено лице служи света литургија, а секоја година има и кум.
Оваа убава традиција ја започнале Вецко и Менка Божиноски од крушевското село Пуста Река, луѓе за кои крушевчани велат дека се вистински легенди, кои постојано се инспирирани за нешто ново.
Нивната мисија да го направат ова место свето започнала пред 13 години, кога прво навезиле знаме на кое пишувало “Христос помеѓу нас, е и ќе биде!”, кое го поставиле на највисоката точка од врвот Козјак, а неколку години подоцна, заедно со Симе Стојкоски, на раце го однеле и првиот крст.
Oттогаш, па секоја година, носеле материјали на раце – цименто, вода, камења…. па така се издигна ова прекрасно свето спомен обележје.
Во 2021 година се служела и првата литургија, а така беше и во саботата, кога за кум се пријави Вецко Иваноски од Крушево.
Една убава традиција која од година во година расте и привлекува уште поголема посетеност. Нека е за многи години и напомош!