Градот под “Марковите Кули” уште еднаш го прослави својот заштитник Св. Никола. Големиот христијански празник, кој за своја куќна слава го празнуваат во речиси секоја трета куќа во Прилеп, и оваа година со богат празничен ручек беше одбележан во центарот на градот.
Домаќини оваа година беа сопствениците на “Теракота”, а за в година домаќин ќе биде компанијата “Комфи Ангел”.
Одбележувањето на празникот започна со Света божествена литургија во храмот Св. Благовештение, а со истата чиноначалствуваше Владиката Петар.
Традицијата на одбележување на празникот започна пред 16 години, па досега повеќе компании од градот приредија богати посни трпези во центарот на градот, а гости секоја година им се голем број прилепчани и посетители од соседните градови.
Традицијата на празнување во централното градско подрачје ја започна претходниот градоначалник на општината, Марјан Ристески, кој заедно со локалната самоуправа направија бренд од оваа манифестација.
Од 2006 година со акт на локалната самоуправа Св. Никола е прогласен за заштитник на Прилеп, а во центарот на градот беше подигнат и параклис во негова чест.
Вештите раце на прилепските домаќинки и oваа година завиткаа илјадници вкусни, посни сармички, воздухот ќе замириса на вкусно приготвена риба и гравче, а апетитот ќе се разгоре со вино и добра ракија.
Токму посните сармички го внесоа Прилеп за прв пат во Гинисовата книга на рекорди. Во 2008 година во очи на празникот прилепчанки завиткаа 80.000 посни сарми, доволно за Прилеп да биде запишан и запознаен од светот.