Вчера во спортската сала “Јане Сандански” во Скопје, се одржа Државното првенство во бодибилдинг и фитнес за 2023 година.
Натпреварот беше во организација на Бодибилдинг и фитнес федерацијата на Македонија, а учесниците се натпреваруваа во категории тинс, јуниори, сениори и ветерани, во машка и женска конкуренција.
Учество на натпреварот зеде и младата бодибилдерка од Прилеп, Андреа Аврамоска, која во три дена освои нов сребрен медал во конкуренција бикини фитнес за сениори.
Ова е огромен успех за нашата прилепчанка, ако се има во предвид дека Андреа за релативно краток временски период, со макотрпна работа, посветеност и неверојатна желба, го постигна нејзиниот атлетски изглед.
Само пред три дена, младата прилепчанка стигна до сребрен медал во истата конкуренција на “Паљо класик опен 2023“ во Битола.
-За прво искуство и прва сезона во овој спорт, задоволна сум од себе и своите успеси. Ова е дефинитивно еден од спортовите кои бараат извонредна дисциплина, а најмногу од се правилни луѓе околу спортистите. Огромна благодарност до Ангела Гелинческа , мојот ментор, која ме запозна со се што ми беше потребно, секогаш тука за било каква поддршка и бескрајно топла и мила личност – напиша Андреа.