Градоначалникот Шилегов ги додели наградите на најдобриот пожарникар, полициски службеник и крводарител во Скопје за 2020 година.
Најдобриот полицаец во град Скопје за 2020 година е Дарко Јовановски, вработен во Полициска станица од општа надлежност „Гази Баба“. Во текот на работењето како полициски службеник покажал исклучителна професионалност и одлични резултати поради што го добива и Признанието од Град Скопје .
Јовановски вели дека за него ова е голема чест и привилегија што е избран за најдобар полицаец за 2020 година, и нагласи дека е мотив и во иднина посветено да го одржува јавниот ред и мир, бидејќи полиција е сервис на граѓаните. Тој им се заблагодари на своите колеги за поддршката што ја добива од нив како млад полицаец, што му овозможува успешно да ги извршува секојдневните предизвици и обврски што ги носи неговата професија.
Најдобриот крводарител во град Скопје за 2020 година, Звонко Васев, е истакнат крводарител кој ја потврдил својата хуманост со 89 дарувања крв, но и со организирање на голем број акции за дарување крв во општина Центар и градот. Веќе 35 години работи во Црвен Крст на РСМ, Општинска организација Центар. Токму за тоа Градот Скопје му го додели ова престижно признание.
Васев вели дека чувството дека со дарување крв некому сте му помогнале побрзо да закрепне после некоја хируршка интервенција или едноставно сте спасиле нечиј живот е прекрасно и Ви го топли вашето срце. Тој нагласува дека хуманоста е негов приоритет во животот и заради тоа се вработил во Црвениот крст, каде што со другите вработени се посветени на мисијата да им помогнат на луѓето кога имаат потреба од нечија помош.
Најдобриот пожарникар во град Скопје за 2020 година, Никола Мајнов е пожарникар-спасител во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Ова Признание Град Скопје му го доделува за неговата навременост и пожртвуваност при извршувањето на акциите за спасување и гасењето пожари.
Мајнов вели дека признанието за него како млад пожарникар е мотив уште повеќе да се ангажира и уште попосветено да ги извршува работните задачи. Упати голема благодарност до своите колеги за нивната поддршка при различните интервенции и нагласи дека ова признание се однесува и на нив, бидејќи само со тимска работа може да се постигне успех и да се зачува безбедноста на граѓаните.