Велешката фирма ИЗГРЕВ ИНЖЕЊЕРИНГ ДООЕЛ Велес ќе ја гради улицата “Победа” во Прилеп – еден од четирите капитални проекти со кои општина Прилеп аплицираше до Министерството за локална самоуправа, по повикот од Владата за државна финансиска помош на општините.
Улицата ,,Победа“ ќе обезбеди ново поврзување во градот, и тоа од крстосницата на ул.,,Александар Македонски“ кај Авто мото сојузот, до крстосницата со улица ,,Павел Шатев“.
Предвидени средства за изградбата на оваа улица беа 43 милиони денари, но според нашите информации, цената на тендерската постапка паднала до нешто над 30 милиони денари.
Според електронскиот систем за јавни набавки, конечната одлука за оваа постапка ќе ја донесе одговорното лице според законски предвидените рокови.
Оваа улица треба да обезбеди и нов пристап до новата елитна населба “Градина”, која исто така со години се планира во Прилеп.
Парите за изградбата на улицата “Победа” се обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски.