Филипче синоќа во Прилеп: Талевски најсериозен кандидат за Градоначалник?! (ФОТО)

Општинската организација на СДСМ Прилеп, синоќа во киното “Мис Стон” одржа Изборната конференција, на која едногласно беа избрани новите состави на Извршниот и Надзорниот одбор.

„После повеќе од 3 години поминати во опозициските клупи, функционирањето на нашата Општинска организација треба и мора да биде многу поактивно и повидливо. Фактот дека за неколку месеци не’ очекуваат локални избори, е најдобра потврда на кажаното. Во процесите кои претстојат, потребата од активирање на комплетниот партиски потенцијал е повеќе од неопходна. Сите ние, партиските функционери, сме тие кои со своето однесување и одговорност, со својата посветеност и ангажираност, треба да бидеме пример за останатите партиски другари, за поддржувачите и симпатизерите на социјалдемократската идеја“, истакна во своето обраќање претседателката на ОО СДСМ Прилеп, Петра Лукароска .

На Конференцијата присуствуваа и претседателот на СДСМ, Венко Филипче и потпретседателот Методија Илиевски.

„СДСМ е државотворна партија која отсекогаш носела одлуки во интерес на граѓаните и државата. Партијата сега го преживува моментот на подеми и падови, кој е карактеристичен за левицата во цела Европа каде либералната демократија е целосно фрагментирана и на сцена е десницата, па дури во одредени земји и крајно ултра десничарските сили. За колку пократко време ќе се консолидираме, толку побрзо ќе се вратиме таму каде што заслужуваме – на чело на државата. Македонија со ДПМНЕ нема да ја биде. Тоа е истата партија од 2016-та година – таму каде запре Никола Груевски, продолжуваат неговите политички ‘деца’“, рече пред прилепските социјалдемократи претседателот Венко Филипче.

Според неофицијални информации пак од членството, симпатизерите и дел од новите раководни кадри, пратеникот Миле Талевски се наметнува како најсериозен кандидат за градоначалник за престојните локални избори.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.