“Филип Морис – Тутунски Комбинат” Прилеп започна со извоз во Источна и Југоисточна Европа

Интервју со Илија Мукаетов, менаџер за производство кај трети лица во Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп

Во 2014 година беше склучен договор за стратешко партнерство помеѓу Филип Морис Интернешнал и Тутунски Комбинат Прилеп, со што беше формирана заедничка компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП). Кажете ни нешто повеќе за инвестициите на Филип Морис Интернешнал (ФМИ) и какви се резултатите од ова партнерство со компанијата која е лидер во тутунска индустрија на светско ниво?

По потпишувањето на договорот за стратешко партнерство, менаџерските тимови на заедничката компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и Тутунскиот Комбинат Прилеп плански работеа кон остварувањето на целите за модернизација на производството и проширувањето на портфолиото на производи. ТКП спроведе инвестиции од инфраструктурна природа кои овозможија поставување на нови машини од страна на Филип Морис Интернешнал и зголемување на капацитетот на производниот погон. Хронолошки гледано, уште во 2015 година ФМИ ја носи првата машина за производство во таканаречен ’прогресивен формат’. Потоа, во 2016 година ТКП започнува со производство на одредена палета производи од уште една фамилија на производи од брендовите на ФМИ. По завршувањето на сите инфраструктурни промени, фабриката во 2021 година дополнително го зголеми портфолиото и волуменот на производство.

Успешноста на сите овие проекти резултираше со уште два нови предизвици, кои ја отворија вратата кон остварување на стратешката цел на двете компании, а тоа е производство на готов производ за извоз. Филип Морис Тутутнски Комбинат Прилеп инвестираше во две нови и современи машини од кои едната беше ставена во функција во текот на минатата година, а втората машина започна со работа во текот на месец мај и истата произведува производи кои засега се пласираат на пазарите во источна и југоисточна Европа, а кон крајот на годината ќе започнеме со извоз и во Европската Унија. Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп денес пласира брендови на пазарите во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, а од септември ќе започне продажбата кон Ерменија, како и во Грција кон крајот на годината.  Сето ова е еден јасен показател дека кога ќе се спојат 150 годишното искуство и традиција на ТКП со иновативноста и современиот начин на производство на светскиот лидер во тутунската индустрија Филип Морис Интернешнал, крајниот епилог е успех во работењето на двете компании.

Тутунски комбинат Прилеп (ТКП), најстарата активна македонска компанија и една од најстарите на Балканот, оваа година одбележува голем јубилеј – 150 години постоење. Како течеше развојот на ТКП и како денес функционира комбинатот по спроведениот процес на модернизација и обновување на производствените капацитети?

Во 1873 година Прилеп сведочи на изградбата на првиот магацин за набавка и обработка на тутун. Тоа е годината која се смета за роденден на нашиот партнер, Тутунски Комбинат Прилеп. Низ годините од своето функционирање, Комбинатот поминал низ многу фази во кои успешно се соочил со сите предизвици. Но, она што се смета како приклучок кон модерните текови на производство на тутун и тутунски производи е моментот на потпишување на договорот за стратешко партнерство со Филип Морис Интернешнал во 2014 година. Комбинатот ги користи сите придобивки од стартешкото партнерство, во доменот на производство, со тоа што воспоставува нова организациона структура, ги воведува производствените практики, процеси и процедури на ФМИ, а паралелно со тоа, преку инвестиции од партнерот, го осовременува и својот машински парк. По завршените обуки на кадрите од Тутунскиот Комбинат Прилеп кои беа неопходни за да се применат високите стандарди на Филип Морис Интернешнал, овозможивме високо квалитетен производ, кој од секој аспект ги задоволува и потребите на пазарот и стандардите за квалитет на ФМИ.

Со задоволство можам да истакнам дека Тутунскиот Комбинат Прилеп преку успешното партнерство се позиционираше на светската мапа на производители на брендот за цигари број 1 во светот веќе 50 години, на Филип Морис Интернешнал. Воедно го прошири своето портфолио со производство за уште неколку брендови од фамилијата на ФМИ, кои се претпознатлив знак за високо квалитетен производ.

Соработката со Филип Морис Интернешнал доведе до почеток на осовременување на производството. Дали има нови планови за модернизација, односно воведување во функција на нови машини, технологии и зголемување на капацитетите?

Тимот за производство кај трети лица е постојано фокусиран на реализација на постоечките, како и развој на нови планови за осовременување на производството кај нашиот партнер. Откако започнавме со процесот на извоз, ја отворивме вратата за пласман на нашиот готов производ на што поголем број пазари, а тоа воедно значи зголемување на капацитетите на производство, прилагодување на функционалноста на машините и воведување на нови технологии во зависност од барањата и регулативата на секој од пазарите одделно.

Во моментот ние сме во полн ек на подготовки за почеток на извоз кон пазарите во Европската Унија. За таа цел, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп инвестираше дополнителни средства во вградување на опрема на самите производствени линии, која овозможува таканаречено следење на производот од моментот на неговото производство, па сè до неговото пласирање на продажните места на соодветниот пазар. Сето ова е во склад со европската директива за тутунски производи (2014/40/ЕУ) која има за цел да го унапреди функционирањето на внатрешниот пазар на ЕУ за тутун и сродни производи. Земајќи ги предвид плановите и активностите на Владата на Република С. Македонија за ускладување на регулативата со онаа на Европската Унија, нашите производствени линии кои во моментот произведуваат исклучиво за домашниот пазар,  ќе бидат подготвени и функционални подеднакво како и оние наменети за пазарите на ЕУ.

Овој пример е само еден сегмент од развојните планови на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и Филип Морис Интернешнал, наменети за нашиот партнер. Во периодот кој следи, целосно сме посветени на развојни планови и проекти кои го зајакнуваат статешкото партнерство.

Како изгледа целиот процес на производство пред да дојде до извоз на готовите производи од Тутунски Комбинат Прилеп, со машините кои се инвестиција на Филип Морис Интернешнал?

Оперативните тимови на ФМИ ја следат побарувачката на пазарот, предвидуваат и ја преточуваат во бројки кои доаѓаат до нашиот тим кој е одговорен за Синџирот на набавки и производство. Потоа следи планирањето на производствтото на база на кое се вршат и набавките на репроматеријалите, за во следната фаза нашите колеги од Тутунскиот Комбинат Прилеп да го реализираат веќе планираното. Целокупното производство во фабриката е контролирано на неколку нивоа. Покрај секојдневната контрола во погонските и специјализирани лаборатории со високо софистицирана опрема и инструменти за комплетни анализи на хемиските и физичките параметри на суровините, репроматеријалите и готовиот производ, квалитетот го следат и потврдуваат и лиценцираните лаборатории на Филип Морис Интернешнал како и реномираниот Научен Институт во Прилеп.

Она кое постојано е во фокусот на ФМИ, а се пресликува во производствените процеси и синџирот на набавки, е грижата за потрошувачите. Тоа значи дека во процесот на производство се користат суровини од највисок квалитет, најсовремени репроматеријали од врвни светски производители.

За сето ова да се реализира морам да истакнам, дека тимот за производство кај трети лица на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, составен од Оливера Ќаева како негов координатор, Мартина Попоска одговорна за набавки на репроматеријалите како и Ивона Мицева, одговорна за царина и транспорт,  заедно со уште 29 други членови од различни оддели на Филип Морис Интернешнал,  покажаа висок степен на професионалност и ги надминаа сите очекувања во реализацијата на овој проект.

Кои се идните планови на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и што планира компанијата во следниот период?

ФМТКП е компанија која секојдневно чекори напред кон остварувањето на своите стратешки цели. Тоа воедно значи и раст на најважниот ресурс во компанијата, а тоа се вработените. Ние сме посветени на тоа да ја градиме нашата култура на начин што нашите вработени ќе го ослободат својот потенцијал и ќе го отворат патот кон загарантиран напредок. Тоа е темелот на кој се потпира нашата визија за иднина без чад, а паралелно со тоа остануваме посветени и на реализацијата на нашите заеднички цели со стратешкиот партнер Тутунскиот Комбинат Прилеп. Во изминатите девет години компанијата се позиционираше на врвот на македонскиот пазар во сите сегменти на работењето, лансираше производи од новата генерација кои го намалуваат ризикот по здравјето на корисниците, а со неодамнешниот извоз кон голем број на пазари, ТКП е на одличен пат да стане синоним за квалитет и грижа за полнолетните пушачи во Европа, па и пошироко.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.