Уште едно прво место за прваците од „Пехарите“

1

Масовната маска „Пехари“ во изведба на учениците од Основното општинско училиште „Кочо Рацин“ ја доби првата награда за детска маска во категоријата сениори на Меѓународниот карневал „Прочка“ 2016 во Прилеп. Со карневалска возбуда и радост танцуваа, дефилираа и славеа победа вкупно 90 ученици од четврто и шесто одделение, а за целокупниот процес од идеја – до реализација се погрижи тимот наставници: Пеша Крстеска, Павлинче Велјановска, Весна Паноска, Зора Ангелеска, Каролина Тренеска , Габриела Темелкоска, и Гоце Бумбароски со поддршка на директорот Петре Крагуевски. Приказната на маската „Пехари“ започна со божиците кои со звуците на триумфалниот марш ги најавија победниците, а потоа, додека ечеше училишната химна на „ Кочо Раци“ следеше дефилето на победниците претставени во симболот на победата – златниот пехар. Идејата за маската „Пехари“ произлегла од актуелното јавно признание на Министерството за образование на Р. Македонија со кое училиштето „Кочо Рацин“ го добива почесниот епитет: најтрофејно училиште во Република Македонија. Се работи всушност за идеја која е инспирирана не од бајките, туку од вистинита и реална успешна приказна за која се најзаслужни самите победници, а тоа се многубројните ученици од повеќе генерации кои минале и минуваат низ клупите на „Кочо Рацин“ и ја продолжуваат традицијата на освојување први места на државни и меѓународни натпревари.

2




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.