Ученичка од Прилеп ќе ја претставува Македонија на Меѓународната Биолошка Олимпијада во Унгарија

Јована Стојческа, ученичка во II година во СОУ „Ѓорче Петров”- Прилеп е дел од тимот што ќе ја претставува Македонија на Меѓународната Биолошка Олимпијада (IBO) што ќе се одржува во периодот 14-21 јули 2019 год. во Сегедин, Унгарија.

Селекцијата на ученици била извршена на два селекциони натпревари: едниот кон крајот на октомври 2018 година, а другиот во почетокот на јуни 2019 година.

На првиот селекционен натпревар биле избрани 8 ученици, за од нив на вториот селекционен натпревар да биде избран конечниот тим од 4 ученици за IBO.

Во периодот меѓу двата селекциони натпревари, Јована и другите ученици имале активни подготовки на Институтот за биологија при Природно Математичкиот Факултет во Скопје.

„За време на Олимпијадата решаваме три тестови. Двата се теоретски, а третиот е експериментален тест каде што ќе треба да ги покажеме нашите вештини во лабораторија”, вели Јована.

Кога ја прашавме Јована дали очекувала да биде во топ 4, таа ни изјави:

„Ми беше преголема желба да бидам дел од тимот што ќе ја претставува нашата држава на Меѓународната Биолошка Олимпијада и таа желба стана реалност. Учев напорно, не само материјал што е наменет за II година, туку и за повисоки години, бидејќи на Олимпијадата учествуваат ученици од сите години од средно образование. Бев единствената ученичка од II година што успеав да го поминам првиот селекционен натпревар, а потоа да влезам и во топ 4. Иако сум најмала во тимот, навистина ми е чест што ќе можам гордо да ја претставувам својата земја на IBO 2019”, додава таа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.