Во рамките на планираните активности за реконструкција на девет спортски игралишта и терени во битолските училишта, секретарот на општина Битола Борче Димитровски и дел од општинската администрација денес го посетија основното училиште „Д-р Трифун Пановски“.
Секретарот Димитровски ги објасни идејните решенија и позициите на реконструкција на игралиштата во дворот на објектот, со кои е предвидено
фудбалско и ракометно игралиште, кошаркарско игралиште и фитнес зона, нагласувајќи дека локалната самоуправа преку овие проекти дава поддршка и поттикнување на спортскиот и натпреварувачкиот дух кај учениците и младите. Покрај реконструкцијата со нова асфалтна површина, предвидено е поставување на нова соодветна комплетна спортска опрема (кошеви со конструкција, табла, обрач и мрежа за кош, стативи за голови, нови мрежи за голови), со соодветно бележење.
Директорката на училиштето Лилјана Николовска посочи дека оваа реконструкција е многу значајна за учениците, за изведувањето на
наставата по физичко образование, како и за севкупното спортско рекреирање на децата. Спортските терени ќе бидат надополнети со соодветна урбана опрема и осветлување.