Утре на пладне бидете пред Камена бина – едно чудо дечиња ќе ја поведат најголемата досега Бадникова поворка во Прилеп

По 16-ти пат утре во Прилеп, како и низ цела Македонија се организираат возобновените Бадникови поворки.

Оваа година поворките се одржуваат под мотото „Со Божиќната радост, срца да стоплиме“. Интересот за поворките е се поголем од година во година. Пријавени се повеќе од 300 дечиња.

Поворката во Прилеп ќе започне од Камената бина во 12:30 часот на 06.01.2026 каде што децата ќе се соберат за да тргнеме во најголемата поворка досега. Од Камената Бина дечињата ќе се упатат кон параклисот на Св. Никола, покрај пицериијата „Леоне“, кон пешачкиот премин кај аптеката „Зегин“, низ Старата чаршија, потоа кон плоштадот, покрај Участакот, кон „Сетек“, кон НУЦК “Марко Цепенков” и повторно ќе се вратат на Камената бина. Тука ќе ги отпеат песничките „Вечниот Бог”, „Тропар на Рожденство Христово” и „Кондак на Рожденство Христово”.

Децата во поворките ги симболизираат ангелите што го најавуваат Христовото Раѓање, а ѕвездичките што радосно ги веат над своите озарени лица се водилка кон местото каде што се раѓа Богомладенецот.
Дечињата ќе бидат симболично нагадени по завршувањето на поворката.

Организаторите на Бадниковата поворка во Прилеп, упатуваат благодарност до:

Општина – Прилеп, МВР-Прилеп, ИПМ-Прилеп, ТППЕ-Прилеп, Matador, Stibera&Living Home Centar, WIK, Gentherm, Vitaminka, Comfy Angel, Laminati Kom, Фото Студио Дано, Пилана Жаре, Чавле Озвучување, Фамилијата Костоски, и на сите останати кои помогнаа да се реализира Бадниковата Поворка.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.