Утре во кафе-бар “База” промоција на романот “Грст афионови зрнца” од Горан Василевски

Во сабота, на 18 октомври со почеток во 17:00 часот, во кафе-барот „База“ во Прилеп, ќе се одржи промоција на новиот роман „Грст афионови зрнца“ од Горан Василевски. Промотор на делото ќе биде Звонко Димоски.

Сижето на „Грст авионови зрнца“, кое се одвива од последниот милениум пред Христос до сегашни дни, е вечно неодгатнатата димензија на времето што лесно и едноставно ја апсорбира краткотрајната минливост на човековиот живот според веќе востановениот, иако хаотичен редослед од минати, сегашни и идни настани. Во содржината се вткаени едноставни просто човечки дилеми за љубовта, надежта, животот и смртта, како не само земски, туку, пред сѐ, божествени и космички сили. Сѐ минува и се менува. И времето, и просторот, и настаните и лицата, за најпосле крајот да дојде во совршен склад со непишаната замисла на универзумот. Па, читајќи можеби ќе сетите дека без оглед на векот што го живееме, во нас носиме и дел од нечии дамнешни собитија. Три епохи. Три судбини. Еден таен код запишан во соништата. Од древниот Стасадор, преку Пејко, до современиот Тихо ‒ три мажи, три животи, една вечна потрага по смисла. „Грст афионови зрнца“ е раскошен роман за љубовта и честа, временско патување што ја брише границата меѓу јавето и сонот!

Горан Василевски е роден на 29.12.1968 година во Постојна, Словенија. Основно и средно образование завршува во Прилеп. Се запишува на Воената академија во Белград, а дипломира на Воената академија во Скопје. За време на активната армиска кариера, учествува и во воените конфликти во регионот. Последипломските студии ги завршува на Филозофскиот факултет во Скопје. Ја извршувал и должноста на раководител на единствената армиска компонента при ОБСЕ во Виена, Австрија. Поминува сѐ што требало да помине во животот досега, а денес, како пензионер живее во Скопје, со план да се врати и да старее во Прилеп. Започнал со поезија и во 2008 година ја издава стихозбирката „Мандарина“, а преминувајќи на проза, го издава романот „Оревот“ (2013) и збирката раскази „Монахот што се плашеше од смртта“ (2015). Автор е на повеќе стручни трудови од областа на безбедноста, разузнавањето и менаџментот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.