Уставен суд одлучи: Од утре нема посебен полициски час за пензионерите и малолетните

Уставниот суд на денешната седница донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката за посебен режим за движење на помладите од 18 и на повозрасните од 67 години. Со тоа, овие лица ќе можат да се движат како и останатите граѓани, од 5 до 19 часот.

Досега повозрасните лица можеа да излегуваат само во периодот од 5 до 12 часот, а малолетниците од 13 до 19 часот. Владата ја донесе оваа Одлука со цел да се раздвојат овие двете групи граѓани.

На денешната седница Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, како и на Уредбата со законска сила за патните исправи на државјаните на македонските државјани за време на вонредна состојба.

Уставните судии поведоа постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба и донесоа решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на Уредбата чија уставност ја оценува согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд.

На денешната седница Судот ја поништи Уредбата со законска сила за јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во Јавното обвинителство за гонење на kpивични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите и за финансирање на Јавното обвинителство за гонење на kpивични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на коминикациите и го стави вон сила решениете за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на уредбата чија уставност и законитост ја оценува.

Судиите, како што стои во соопштението објавено на веб страната на Судот, го одложиле одлучувањето по однос на уставноста на Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата и Уредбата со законска сила за примена на Законот за јавни собири за време на вонредна состојба за некоја од наредните седници.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.