УНИШТУВАЊЕ НА ШУМИТЕ – УНИШТУВАЊЕ НА ГРАНКАТА НА КОЈА СЕДИМЕ – истражување на младите репортери од СОУ “Mирче Ацев”

Во непосредна близина на градот Прилеп, лоцирано во месноста Гладно Поле се наоѓа вештачкото прилепско езеро. Езерото кое е изградено уште од далечната 1967 година се користи за наводнување и како технолошка вода. Честопати тоа е место за излет и разонода на жителите на овој град.

image001

Покрај убавините со кои располага овој локалитет, како главен еколошки проблем со кој се соочува градот Прилеп е постојаното нелегално сечење на дрвјата и уништувањето на шумите. Проблемот е предизвикан од жителите на градот Прилеп, кои по нелегален пат ги сечат шумите во оваа област, а на ваков начин ја уништуваат природата. Главната причина за оваа несовесна постапка се парите. „Дрвокрадците” на ваков начин без ни трошка еколошка совест го избираат најлесниот начин за заработка и снабдување на основните животни потреби. Најчесто сечењето на дрвјата настанува во доцните ноќни часови. Вистинското решение за овој проблем е преземање на соодветни мерки и тоа:подигнување на еколошката свест кај граѓаните кои живеат во оваа област, поставување на безбедносни камери со цел да се покажат сторителите на ова дело,изрекување на соодветни казни за секој оној којшто ќе направи прекршок. Исто  така нелегалното уништување на шумите може да се регулира со засиленa контрола на  шумската полиција и да се обезбеди повеќе кадар на обезбедување на ова место.

За овој еколошки проблем поразговаравме со надлежните и дознавме дека свесното уништување на шумите не е проблем само во областа кај вештачкото езеро туку и пошироко во прилепската околина.

Во интервјуто со заменкот командир на Шумско-полициската станица, Прилеп, Петреска Оливера кажа дека „дрвокрадството” односно  уништувањето на шумите започнало многу одамна, но во последните неколку години преминало во  пустошење и проблемот кој е предизвикан на ваков начин е заеднички за сите правни субјекти од оваа област. Дрвокрадците сега веќе се добро организирани и нанесуват неповратна штета на природата. За да се спречи овој проблем  преземени се ригорозни мерки како на пример: одземање средства за работа, запрежни возила, коли, камиони и секаков вид на превозни средства со кои се врши превоз на огревни дрва. Но тоа многу често не ги спречува сторителите на овие незаконски дејствија и пак продолжуваат. Главна причина за ова е ниската еколошка свест и брзиот начин на заработка на пари. Мерки кои ни ги предложија беа: огранизирање на предавања за подигнување на еколошката свест и спроведување на поинакви казнени мерки.

За овој проблем разговаравме со претставник од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ кој смета дека за да се подобри состојбата, потребно е да се подобрат и условите за работа во шумската полиција и јавното претпријатие, да  имаат постојано достапни возила според потребите и да се обезбеди поголема присутност и покриеност на теренот, бидејќи според статистички податоци во Долненската општина повеќе од 15 години населението се снабдува со огревно дрво преку дрвокрадство. Јавното претпријатие располага со  шумочувари, но тие неможат секогаш да одговорат на потребите затоа што не се во доволен број за да го покријат теренот, немаат секогаш возила на располагање и можат само да дојават на шумската полиција и на МВР за понатамошни активности.

image002

Еден од начините за обновување на шумскиот фонд е пошумувањето на оголените површини. За ова поразговаравме со раководителот на Одделението за јавни дејности во Локалната самоуправа Прилеп и координатор на акцијата „Ден на дрвото“ за училиштата, Марјан Матракоски кој нè запозна со акцијата „Ден на дрвото“. Годишно во оваа акција се вклучуваат 2000 ученици кои засадуваат различни дрвца во зависност од местото. Најчести локации се оголените места и тоа: Вештачкото езеро, Алинци, Селце, Песјобрдце, Плетвар и Лениште. Секоја година се засадуваат голем број на дрва како багрем, јасен, чемпрес и бор. Главна цел на оваа акција е да се спроведе масовно пошумување и да се подигне еколошката свест кај учениците.

При разговорот со поранешениот координатор на оваа акција Ден на дрвото, а сега инспектор  за заштита на животната средина во Локалната самоуправа, Цветанка Николоска воочивме дека со уништувањето на шумите се појавуваат еколошки проблеми и неповратна загуба на еден еко систем. Причина е недоволно развиената еколошка свест. Уништувањето на шумите го предизвикува и глобалното затоплување. Зајакнувањето на контролите во однос на сечењето е начин кој може да ја спречи оваа сериозна појава. Денот на дрвото првпат бил спроведен во 2008 година, а Гимназијата „Мирче Ацев” била првото училиште каде што биле засадени првите дрвца.

Засадувањето на едно дрво е благородна работа.

Младинската организација во СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ активно е вклучена во разрешување на овој проблем, најчесто преку засадување на нови садници на акциите како што се „Ден на дрвото“ Меѓутоа и покрај тоа, дел од овие садници не успеваат најчесто поради недоволно обработена почва, дел од овие површини каде се пошумува воедно се и пасишта, па дел од засадените дрвца се уништуваат од страна на стоката или преку палење на стрништата на земјоделските површини.

image003

Од сите овие интервјуа со надлежните заклучивме дека уништувањето на шумите е поголем еколошки проблем отколку што мислевме. Сметаме дека главен фактор за ова уништување е недоволно развиената еколошка свест, затоа треба да се работи на едукација и вклучување на млади и повозрасни во овие активности. И ние како млади новинари-репортери активно се вклучуваме во разрешувањето на овој проблем. Како еден од начините кои го предлагаме е забрана за сечење на шумите, каква што има во Албанија и забранува сечење на шумите во период од 10-15 години. Сечењето на дрвата не само што ја нарушува убавината на овој локалитет, туку и директно влијае врз екосистемот кој овде егзистира. Бидејќи езерото се наоѓа над градот Прилеп, опколено со ритчиња сечењето на дрвјата придонесува за зголемување на ерозијата на земјата, а со тоа се  нарушува самата конфигурација на теренот. Но, она што е најважно и што најпрво можеме да го почувствуваме тоа е чистиот воздух, бидејќи овој локалитет можеме да го наречеме „бели дробови” на нашиот град.

Она што им го правите на шумите е ништо друго освен рефлексија на она што си го правите самите себе си, бидејќи најчистиот пат до универзумот е откривањето на убавините на сопствената земја.

Со уништувањето на шумите си ја уништуваме гранката на која седиме.

Истражувањето е наменето за конкурс за млади репортери, а е спроведено од учениците Ивана Дукоска и Верица Христоска од I – 3 клас, од гимназијата “Мирче Ацев” – Прилеп, со менторство на професорката Весна Михаиловска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.