“Уметниците во Прилеп мораат да се борат” – Викторија Георгиоска за музиката како талент и избор на живот

Викторија Георгиоска (32), дипломиран соло пејач

ИЗВОР: “НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ”

Дарбата и квалитетот ги носи во себе. Нејзиниот глас, кој е висок, но воедно е и нежен и лелеав, е природно богатство кое го поседува прилепчанката Викторија Георгиоска (32), а кој го усовршила со академска наобразба. Како дипломиран соло пејач моментално е невработена, со повремен ангажман и настапи во музички бендови, но со огромна љубов кон музиката и верба дека уметноста ќе биде соодветно вреднувана. А за својот талент, вложен труд и ангажман како академски школуван глас, добие сатисфакција и институционален ангажман. Веќе пет години јавноста ја знае како еден од женските вокали во групата “Крос Роуд блуз бенд”.

Желбата да пее ја носи со себе од мали нозе. Потекнува од музичко семејство, го наследила музичкиот интерес од таткото Роберт – Боби Стојчески кој е член на групата Балканика и свири клавијатури. Гените го направиле своето. Почнала со соло пеење во основното музичко училиште во родниот град, потоа го завршила државното средно музичко училиште во Битола и продолжила на соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде во 2017 година дипломирала. Нејзината боја на глас е сопран – колоратура (лирски). Имала музички обид со грумата Д Дример, сакале здружени алтернативно, два вокали, клавијатура и гитара, како бенд да понудат нешто поразлично. Имале настапи, но заради недоволната финансиска поддршка од спонзори, сите членови тргнале по свој пат.

Од 2021 е во Крос Роуд Блуз бенд на покана на Давид Нешкоски. Со нејзиното учество, бендот добил нов впечаток, не само визуелно, туку и музичко освежување.

– Успеав да се вклопам во бендот кој има традиција од 30 години. Публиката сака да нé слуша. Пријатно се чувствува, настапуваме на блуз фестивали во државава и надвор. Неодамна во Виница бевме предгрупа на Суперхикс – вели Викторија Георгиоска, дипломиран соло пејач и вокал во Крос роуд блуз бенд.

Со вечерните настапи успева да компензира меѓу обврските како естраден изведувач и мајка.

– Пред да имам дете беше полесно. Мислите не ти се раштркани, помалку обврски. Сега е подруго. Имам помош од сопругот, од семејството. Сите ме разбираат и знаат дека тоа јас мора да го работам, тоа е моја пасија и мој ангажман. Сите со восхит реагираат кога соругот Александар ќе им каже дека сум дипломиран соло пејач. Прилепската публика можеби не ги разбира доволно нашите настапи – вели Георгиоска.

Живее за сцената и настапите пред публика. Вели дека ужива во анимирање на гледачите, а тешкотиите од денот за миг ги остава зад себе кога микрофонот и е во рацете.

– Кога ќе застанам на сцена, сето претходно што се случувало го оставам зад себе. Мора да влезеш во улогата и професионално да си ја завршиш работата – вели таа.

Објаснува дека во минатото музички едуцираните кадри биле дефицитарни, но како неа, останатите колеги низ државава уште не се снајдени на професионално поле.

– Жалам што не се наоѓам на соодветното место, како музички педагог, професор или стручен соработник за музичко сценски дејности во некоја од културните институции. Во мојата генерација имаше 15 дипломирани пејачи, а порано имало двајца -тројца и се вработувале во Опера и балет или Филхармонија, во средното музичко училиште во Скопје. Нискиот хонорар во Опера и балет не беше доволен да останам во Скопје да живеам и се вратив во Прилеп. Има денови кога се каам и се чувствувам незадоволно од општетсвото, системот, но од друга страна јас сум таа, и што би можела друго да бидам. Ја сакам музика, тоа беше мојот сон. Како одминува времето, сваќаш дека нема назад, туку ти останува само да се бориш – вели Георгиоска.

Кога пее се чувствува среќно и задоволно. Го негува гласот. Порано негувала алтернавни ритуали, инхалации, гаргара со чај од жалфија. Штедење од многу зборување, но сега тоа не е можно. Обврските кон тригодишниот син Јордан не и даваат простор да молчи и го чува гласот.

– Правам основни вежби пред настап, вежби за дикција, опуштање на мускулите, раздвижување на гласните жици. Многу ни влијае зачадениот воздух особено во затворените простории – вели таа.

Веќе неколку години со бендот Крос Роуд блуз бенд настапуваат на камената бина на манифестацијата “Од нула до култура”. Прилепчани ќе може да ги слушаат на 21 август.

И покрај сите предизвици и искушенија, задоволна е што има кадифен глас иако засега не успева од својата професија значително да придонесува во семејниот буџет. Свири и на пијано.

Советува музиката да биде секојдневие за секого, луѓето да се предадат на музиката, да си ги ослободат мислите и да се опуштат.

ЈА САКА БЛУЗ, ЏЕЗ И СОУЛ МУЗИКАТА

Родена сум во погрешна држава можеби. Странската особено американската музика како блуз, џез и соул, ми се на срце. Ја слушам и популарната македонска поп музика, пеам и народни песни како гостин на Октетот Прилеп. Музиката не познава години, може да се случи да дојде моментот и за сопствен бенд или друга интересна понуда.

ТАЛЕНТОТ КАЈ ДЕЦАТА ТРЕБА ДА СЕ АФИРМИРА

Држи и часови во приватното музичко училиште Матрикс за деца од 4 до 7 години.

– Ако забележат родителите дека децата имаат афининет, слушаат песнички, танцуваат, држат ритам, треба да се охрабрат и ги насочат кон музиката. На часовите им кажувам основи од теорија, ритмички вежби, пееме и танцуваме. И кај Јордан забележувам дека има чувство за ритам. Прилеп има доста деца со музички птенцијал. Музиката има спсообност да го помогне и во емоцијалниот развој на детето односно плашливите и повлечените деца да се опуштат. Способноста за учење се поврзува и со музиката и со математиката.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.