Прекрасното Љубојно е село во општина Ресен, во областа Долна Преспа, сместено на 2 километри од брегот на Преспанското Езеро и 28 километри оддалечено од Ресен.
Селото се наоѓа во една од западните пазуви на планината Баба, во долниот тек на живописната долина на Брајчинска Река. Се простира на обата брега на реката, на надморска височина од околу 920 метри.
Љубојно се граничи со следниве села: со Штрбово на север, со Брајчино на исток, со селото Долно Дупени на југ и со селото Наколец на запад.
Низ атарот на селото тече кристално чистата и бистра Брајчинска Река (кај љубанци позната и по името „Стара Река“).
Во селото има околу 350 куќи, а според последниот попис тука живеат 186 жители. Основен белег на селото му даваат куќите градени меѓу двете светски војни, со печалбарски пари. Нив посебно ги краси фино делканиот камен, разнобојните фасади и вкусно гелендираните балкони.
Впечатливата архитектура зборува за умешноста на мајсторите кои ги граделе. Дел од куќите се реновирани, а дел за жал полека се распаѓаат.
Едно е сигурно, тешко дека ќе се одлучите која од која е поубава.
Љубојно е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци, а така е и денеска. Под различни облици на денешното име (Љубоини, Лјубојно, Љубоино и Љубојно) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.
Најрано е споменато во втората грамота на царот Душан од 1337 година кога тој ја подарил селската црква Свети Никола на манастирот Трескавец. Подоцна, Љубојно повторно се спомнува и во еден запис на Сливничкиот манастир од 1607 година, како поголема македонска населба.
Поради традицијата кон печалбарството и иселеништвото, Љубојно забележува голем, значаен и постојан пад на бројот на своите жители.
Така Љубојно некогаш била голема печалбарска селска населба, но од неа се иселил значителен број на населението и таа преминала од големо во мало село.
Во 1961 година во Љубојно живееле 884 жители, од кои 868 биле Македонци, 10 Албанци, додека во 1994 бројот се намалил на 238 жители од кои 223 Македонци, 12 Албанци и 1 Влав.
Според пописот од 2002 година, во селото Љубојно имало 186 жители, од кои 175 Македонци, 10 Албанци и 1 Влав.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Љубојно, во која покрај селото Љубојно, се наоѓале и селата Арвати, Брајчино, Долно Дупени, Крани, Наколец, Сливница и Штрбово.
Својата егзистенција, љубанци претежно ја обезбедувале преку поледелството, сточарството, занаетчиството, трговијата и печалбарството. Во рамките на поледелството најмногу произведувале житарици (’рж, пченица, јачмен, пченка, и др.), потоа саделе лозја, зеленчукови и овошни градини, во кои најмногу се одгледувале грав, пипер, патлиџан, кромид, лук, зелка и друго. Во рамките на сточарството најмногу се одгледувале волови, крави, коњи, магарињи, овци, кози и свињи. Покрај ова, во периодот меѓу двете светски војни и во годините на Втората светска војна и непосредно по неа, доста се занимавале со занаетчиство и трговија.
Во тоа време, Љубојно имало 14 чевларски работилници, 8 дуќани на стока за широка потрошувачка и текстил, 5 кафеани, 6 дрводелски и 4 шнајдерски работилници, 2 фурни за леб, 8 воденици, 2 ковачници и 1 берберница. По ослободувањето на земјата, повеќе луѓе се вработиле во органите на управата, општествените дејности и претпријатијата. Љубанци одамна почнале со печалба, најмногу ги има во САД и Канада.
Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е посвојно образувано со помош на наставката „-јно“ од личното име Љубота или можеби од женското име Љубова. Ова се потврдува и низ преданијата на некои љубанци.
Меѓутоа, кај постарите жители на селото се раскажувале и две легенди, кои упатуваат дека името на селото е изведено од зборот „љубов“. Едната легенда говори дека некогаш (многу одамна) од двете соседни населби (Калинци и Куќиштата) се вљубиле момче и девојка. Но, поради лошите меѓусоседски односи на жителите од двете населби, момчето и девојката не смееле да се земат. На крајот, победила љубовта. Тие се земале и побегнале од своите населби. Во непосредна близина на реката подигнале свој дом за вечно и среќно живеење. Подоцна, во нивната близина се доселувале и други семејства. Населбата што се создала била наречена Љубојно по приказната за нераскинливата љубов на нејзините први жители.
Втората легенда говори дека името на селото настанало кога двете населби (Калинци и Куќиштата) почнале да се соединуваат и да ја градат новата населба (на сегашната положба). Тоа го правеле со голема љубов и меѓусебна почит (се сакале, се љубеле). Од таа меѓусебна почит и љубов, настанало и името на нивното село.
Во историските извори, ова село е забележано како „Љубовино“. Тоа се совпаѓа со едно предание според кое името дошло по првонаселената меанџика Љуба, која точела многу убаво вино. Кога муштериите влегувале во меаната гласно нарачувале „Љубо, вино“.