Од 14 до 17 декември во Домот на култура “Марко Цепенков” се одржа 28-миот по ред Орнитолошки шампионат на Македонија, кој го организираше Друштвото за заштита и одгледување на птици ,,Кардинал” од Прилеп.
Во Орнитолошката федерација на Македонија членуваат 8 здруженија, а денешниот и последен ден на изложбата беше отворен ден за посетители, при што сите наши сограѓани имаа прилика да видат над 500 различни птици.
За најдобрите изложувачи беа доделни медали и признанија.
Инаку ретко кое граѓанско здружение од нашиот град може да се пофали со 56 години континуитет, ентузијазам, љубов и посветеност.
Од 1967 година како “Канарија” до 1998, а потоа како “Кардинал”, па се до денешен ден, друштвото за заштита и одгледување на птици од Прилеп опстојува континуирано како непрофитно и аполитичко здружение на граѓани – вљубеници во природата и птиците.
Низ годините во друштвото членуваат бројни активисти и ентузијасти од сите социјални слоеви, кои на свој начин дале несебичен придонес во развојот и работата на друштвото.
Петар Настески, Блаже Тодороски,Слободан Данче Михајлоски, Кире Илиески, Боро Рикалоски, Милан Мимичкоски, се само дел од плејадата на активисти кои поминале низ друштвото и добар дел од своето слободно време го посветиле во практикување активности кои произлегуваат од статутот на друштвото.
Главните приоритети на друштвото секако се активности од еколошки карактер, како: пошумување на месноста Шаторов камен, вештачкото езеро и други локации во околината на Прилеп, прихрана на птиците во природата за време на екстремни временски услови, и особено организација на изложби од натпреварувачки и ревијален карактер (градски ревијални изложби и организација на Државен шампионат на Македонија).