Убав чин во светите храмови денеска: Се одбележува враќањето на светите икони

Во првата недела од Великиот пост се слави споменот на повторното враќање на светите икони во храмовите, и победата на православната вера над сите еретички учења.

Првата недела од Великиот Пост или Недела на Православието го слави споменот на востановувањето на почитта кон иконите (842 г.), кое се случило за време на царицата Теодора и Патријархот Методиј. Според историските прилики, оваа недела влегла во составот на богослужбениот поредок на Великиот Пост дури после 842 година, и тоа не веднаш, зашто Цариградскиот Типик (ΙΧ – Χ век) не ја ни спомнува, бидејќи според него за овој ден наместо неа било предвидено да се прославува споменот на Светите Мојсеј, Арон и Самуил.

Тоа се согледува и во денешната служба, каде што постои мешање на стариот со поновиот спомен. Синајскиот Устав (Χ – ΧΙ век) исто така не ја споменува оваа недела. Имено, траги од неа се забележуваат дури во Евергетидскиот Устав (ΧΙΙ век), каде што исто така постои мешање на двете служби.

Во оваа недела посветена на Торжеството на Православието се извршува таканаречениот „Чин на Православието“, во кој верните во литија, со икони од Христос, Богородица итн. се упатуваат во соборните храмови каде што се чита „Синодиконот“, со кој им се оддава почит на сите оние кои се подвизувале и бореле за чистотата и славата на верата Православна. Главната мисла на овој чин е молитвено и благодарствено пеење за сочувување на мирот во Црквата и обраќање на заблудените на вистинскиот пат.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.