Партиските вработувања со прекршување на законите и неисполнување на условите, очигледно не го одминуваат и петилјадното Крушево. Барем тројца високи локални функционери се наоѓаат на работни места за кои постои сомнеж дека ги добиле според пресудниот критериум – блискост со актуелната власт – објави “АЛФА TВ”.
В.Д. директорот на ЈКП „Комуна“, според информациите до кои дојде Алфа, бил вработен без потребниот работен стаж од 4 години и 10 месеци во дејноста, в.д. директорката на Домот на културата пак, е лице кое не било ниту вработено во оваа институција, а ниту пак го имала потребниот работен стаж од 5 години – работа во културата.
А додека во ОУ во с. Бучин, функцијата в.д. директор веќе четврта година се извршувала со наизменично поставување на неколкумина в.д. директори без распишан оглас за избор на директор, што според Законот за образование, чл.115 е кривично дело.
На овие состојби реагираа и локалните опозиционери. Тие вината ја лоцираат во градоначалникот Томе Христоски, кому веќе и му поднеле три кривични пријави за незаконско работење при назначувањето на овие директори.
„Во Крушево со доаѓањето на власт на градоначалникот Томе Христоски во 2017 година отпочнуваат незаконските поставувања на функционери во повеќе институции…и тоа трае до денес…Ние веќе имаме ситуација кога имаме поставено в.д. директори кои не ги исполнуваат условите и се уште се в.д. директори во овие три-четири години…А тоа е многу јасно дека е од проста причина што немаат соодветен партиски војник, а тој мора да биде на местото каде претходно било ветено… За овие неправедни поставувања на директори…и вадењето како да е оваа некоја детска играчка, градоначалникот Томе Христоски соодветно ќе одговара“, – вели Билјана Проеска од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Крушево.
Градоначалникот Христоски пак, се правда дека Крушево било мала средина во која континуирано имаат дефицит од соодветни кадри, па затоа се одело на варијантата да се назначуваат в.д. директори.
„Ние во најскоро време ќе распишеме огласи…секаде онаму, во сите институции каде што сме надлежни да објавиме огласи, согласно законските прописи и нормативи, но и да исполнуваат услови треба… Нема ништо незаконски, нема ништо нерегуларно…“, – тврди градоначалникот Томе Христоски.
Инаку, и поголемиот дел од крушевчани сметаат дека вработувањата по партиски клуч, во последно време особено добивале на интетнзитет.
Каролина Дурло