Трета година по ред – Велигденска литургија во храмот Св. Петка во Прилеп – Родители, донесете ги дечињата на причест, храмот подготви и подароци

ТРЕТА ГОДИНА ПО РЕД – ВЕЛИГДЕНСКА ЛИТУРГИЈА ВО ХРАМОТ „СВ. ПЕТКА“ ВО ПРИЛЕП

Почитувани браќа и сестри, драги родители, баби и дедовци,

Со голема духовна радост и благодарност кон Бога, ве известуваме дека и оваа година во храмот „Св. Петка“ во населбата Точила во Прилеп, покрај полноќната воскресенска богослужба и Божествената Литургија која ќе се отслужи после полноќ, ќе биде отслужена Божествена Литургија и на првиот ден на Воскресението Христово – Велигден, на 20 април 2025 (недела), со почеток во 9:00 часот и ќе трае до 10:15.

Оваа Литургија ќе се богослужи по трет пат во нашиот храм, поттикната од исклучителната посетеност и силната духовна доживеаност на претходните две Велигденски Литургии. Стотици верници, особено многу деца, учествуваа со верба и љубов, и се причестија со Телото и Крвта Христови, вкусувајќи од вистинската радост на Воскресението. Токму поради таа силна потреба и желба на верниот народ, оваа убава и значајна духовна пракса продолжува и оваа година!

Литургијата е наменета за сите верници особено за оние кои поради различни причини не можат да присуствуваат на полноќната пасхална богослужба, како и за најмладите – дечињата. Ги повикуваме сите родители да ги доведат своите деца, кои, според учењето на Црквата, од најмала возраст треба да се воспитуваат во верата и љубовта кон Бог. Препорачуваме, каде што е можно, децата да постат неколку дена пред најголемиот празникот. За дечињата до седумгодишна возраст постот не е задолжителен.

Во духот на радоста, и оваа година, за сите деца кои ќе присуствуваат на Литургијата, храмот „Св. Петка“ подготви велигденски подароци.
Ако дозволат временските услови, Литургијата ќе се одржи под отворено небо, на платото пред храмот, каде сите заедно ќе можеме свечено да ја прославиме Пасхата Христова.

Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

Очекуваме со љубов и радост да се собереме и оваа година во голем број, за да ја доживееме убавината на Воскресението во полнота, преку Литургијата и Светата Причест.

Со благослов,
Протоереј Љупче Петрески, в.д. старешина
со управата и вработените при храмот „Св. Петка“ – Прилеп




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.