Трет Божикен конкурс на црквата Св. Петка на тема: „Мојата Божикна приказна“

Храмот „Св. Преп. мчца. Параскева (Петка) Римјанка“ во нас. Точила, Прилеп, поттикнат од големиот интерес од претходните години, по трет пат го распишува БОЖИКНИОТ НАГРАДЕН КОНКУРС за литературна и ликовна уметност, на кој право на учество имаат учениците од основните училишта во Општина Прилеп. Овој празничен конкурс е можност за сите основци од нашата општина да го изразат својот талент преку збор и боја, и да го почувствуваат Божикниот дух преку создавање.

ЦЕЛТА НА КОНКУРСОТ е приближување на празникот до срцата на децата, нивно обединување во радоста на Рождеството и промовирање на важните вредности преку творештвото. Конкурсот носи и воспитно-образовен карактер, поттикнувајќи ги младите да се изразат преку уметност и да го развиваат својот креативен потенцијал.

ГЕНЕРАЛЕН ПОКРОВИТЕЛ – „Витаминка“ АД Прилеп

Оваа година, за првпат, генерален покровител на Божикниот конкурс е нашата, прилепска и светски позната прехранбена индустрија „Витаминка“ АД Прилеп. Компанијата ја препозна важноста на конкурсот за зачувување на традицијата, верата, семејните вредности и детската креативност.
„Витаминка“ ќе обезбеди најголем дел од наградите за учесниците и повторно ја покажува својата несебична поддршка кон духовните и културно-уметничките настани во нашиот град.

Од камен-темелникот на храмот „Св. Петка“, па сè до денес, „Витаминка“ е меѓу најголемите донатори кои помогнаа и сè уште помагаат за изградбата и велелепието на храмот.

Храмот „Св. Петка“ со искрена благодарност ја признава нивната долгогодишна поддршка и љубов кон заедницата.
ТЕМА: „Мојата Божикна приказна“

ОПШТИ НАСОКИ ЗА ТВОРЕЊЕ

ЛИТЕРАТУРНИ ТВОРБИ

-Учесниците можат да создадат кратка лична или измислена Божикна приказна.
-Може да биде современа или библиска, реална или плод на детската имагинација.
-Препорачливо е да се истакнат вредности како: мир, љубов, добрина, семејство, надеж…

ЛИКОВНИ ТВОРБИ

-Да прикажат сцена што ја претставува нивната Божикна приказна.
-Може да се користат различни мотиви: Светото Семејство, Божикната ѕвезда, ангели, пастири, пештерата, мудреците, домот, радоста на празникот.

Напоменуваме дека насоките за творење се само препораки со цел да им помогнат на учениците поесно да ја развијат својата идеја. Тие не се задолжителни – секое оригинално и креативно дело е добредојдено.

ВАЖНИ НАПОМЕНИ ЗА ОРИГИНАЛНОСТА

Организациониот одбор и жири-комисијата најучтиво ги опоменуваат учесниците и менторите дека:
Се бара целосна оригиналност!

Литературните творби мора да бидат лично напишани од децата – не смее да има копирање, ниту користење на современи дигитални помагала, вклучително и вештачка интелигенција.

Ликовните творби мора да бидат автентични детски цртежи, без копирање од интернет, мобилни уреди или веќе постоечки илустрации.
Доколку комисијата утврди дека одредена творба е копирана или неавтентична, има право истата веднаш да ја отстрани од конкуренција.

КАТЕГОРИИ

Учесниците ќе се натпреваруваат во две категории, поделени по одделенија:
I категорија: Од 1-во до 5-то одделение
II категорија: Од 6-то до 9-то одделение

УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО

Литературна категорија

– Една творба (проза или поезија) до две страници, А4 формат, рачно напишани или со фонт 12.
Ликовна категорија
– Цртеж на блок бр. 4 или 5 или платно.
Творбите треба да бидат потпишани со:
име, презиме, училиште, одделение, име на ментор (ако има), адреса на живеење и контакт телефон.
Творбите се доставуваат исклучиво во храмот „Св. Петка“.
Конкурсот трае од 20 ноември до 20 декември 2025.

ИЗЛОЖУВАЊЕ НА ЛИКОВНИТЕ ТВОРБИ

Организациониот одбор ќе се потруди да ги изложи сите пристигнати ликовни творби, но во зависност од бројот на работи, задржува можност да направи селекција, доколку бројката е значително поголема од просторните и техничките можности.

МОЖНОСТ ЗА ХУМАНИТАРНА АКТИВНОСТ

Организациониот одбор ја разгледува можноста да ги задржи наградените и пофалените ликовни творби со план подоцна да организира посебна изложба и хуманитарна аукција, средствата од која би биле наменети за оние на кои им се најпотребни.

ОЦЕНУВАЊЕ И НАГРАДИ

Творбите ќе ги оцени стручно жири во состав:

Блага Тутеска – наставник по македонски јазик во пензија и поетеса
Павлинче Чочкова – наставник по македонски јазик во пензија
М-р Александар Џинго – професор по ликовно образование
Елена Димоска – наставник по ликовно образование
Протоереј Љупче Петрески – старешина на храм Св. Петка
Во секоја поткатегорија ќе бидат селектирани творбите кои ќе бидат наградени на прво, второ и трето место како и по пет пофалени творби во секоја поткатегорија.

СВЕЧЕНО ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДИТЕ

На Бадник, по утринската богослужба (11:00 ч), ќе се одржи свеченото прогласување и доделување на наградите, проследено со духовна и културно-уметничка програма.

Оваа година во музичкиот дел ќе учествува и познатиот хор „Мали ангели“ како и хорот при ООУ „Св. Климент Охридски“, под раководство на наставничката Маја Џопа.

Сите учесници и нивните ментори кои ќе присуствуваат на настанот ќе добијат пофалници и награди, а првонаградените ќе добијат дипломи и предметни или парични награди. На платото пред храмот ќе бидат изложени творбите, а победниците од литературната категорија ќе ги прочитаат своите творби пред присутните.

Организаторот го задржува правото да објави дел или сите творби на својата Фејсбук страница „Храм Света Петка Прилеп“, како и фотографии од настанот на прогласувањето на наградените.

Со овој конкурс се надеваме дека ќе го поттикнеме развојот на креативните способности кај младите, негувајќи ја љубовта кон литературата и ликовната уметност, и со тоа ќе придонесеме кон градење на вредности кои ќе ги следат и во иднина.

Се радуваме на вашето учество и ве охрабруваме да го изразите вашиот творечки дух!

Божикната радост нека биде вашата инспирација!

Бог нека ве благослови и инспирира!

Со почит,
В.д. старешина на храм Св. Петка
Протоереј Љупче Петрески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.