Тренерот Кузманоски направи чудо со младите ракометари во плеј-аутот: Прилепчани први!

Со 10 победи и 4 порази, РК Прилеп го освои првото место на плеј-аут табелата во ракометната Супер лига и обезбеди опстанок во најелитното ракометно друштво и идната сезона.

Во Прилеп вечерва падна ГРК Тиквеш, кој до ова последно коло беше лидер на табелата. Резултатот убедлив 32-28 (12-12 на полувремето).

Тренчевски Александар за прилепчани постигна 8 погодоци, а веднаш зад него беше ветеранот Чантурија со 7. Вториот Грузиец Рустамов Казеин стигна до 5 гола, а Андоноски Даниел натпреварот го заврши со 4 погодоци.

Кај кавадарчани најдобар поединец беше Јанчев Јане со 9 постигнати погодоци.

“Ова беше исклучително тешка сезона за една млада и неискусна екипа. Раководството на РК Прилеп и стручниот штаб изненадувачки направија огромен резултат. Покрај опстанокот РК Прилеп играше модерен ракомет и ова е голем успех за градот Прилеп. Единствена екипа во колективен спорт во Прилеп што игра во Супер лигата. Следната натпреварувачка сезона РК Прилеп одново ќе игра во Супер лигата”, истакна тренерот на прилепчани Горан Кузмановски – Таста.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.