Американскиот претседател Доналд Трамп од говорницата на Обединети нации во Њујорк порача дека иднината им припаѓа на тие што си ја сакаат татковината и работат во нејзин интерес.
„Иднината не им припаѓа на глобалистите. Иднината им припаѓа на патриотите. Иднината им припаѓа на суверените и независни нации, кои ги штитат своите граѓани, кои ги почитуваат своите соседи и разликите што ја прават секоја земја посебна и единствена“, рече Трамп во својот трет говор пред Генералното собрание откога е претседател на САД.
„Патриотите гледаат на нацијата и на нејзината судбина на начин на кој никој друг не може. Слободата е зачувана, суверенитетот е обезбеден, демократијата е одржлива, а величието остварено само преку волјата и предаденоста на патриотите“, додаде тој.
„Гледајќи наоколу и низ целата оваа голема, прекрасна планета, вистината јасно се гледа. Ако сакате слобода, бидете горди на вашата земја. Ако сакате демократија, зачувајте си го суверенитетот. А ако сакате мир, сакајте ја својата нација. Мудрите водачи секогаш го ставаат на прво место доброто на сопствениот народ и земја“, порача Трамп.