Традиционалeн планинарски марш посветен на Даре Џамбаз на 2 април во Прилеп

_MG_1028

На 2 април, во организација на планинарското друштво „Козјак“ од Прилеп ќе се одржи 4-тиот по ред традиционален планинарски марш посветен на основоположникот на планинарството во Македонија, Даре Џамбаз. Патеката на овој марш е долга 16 км. и таа ќе започне од н.м. Дупјачани, потоа планинарите се искачуваат до манастирот Трескавец, а турата ќе заврши во амфитеатарот во населбата Варош.

_MG_0993

„На оваа тура очекуваме да учествуваат од 500 до 600 планинари, со тоа овој марш спаѓа во еден од најмасовните во Македонија. Очекуваме да дојдат и наши колеги планинари од Бугарија. Тргнуваме од селото Дупјачани, од тука одиме кон месноста Сурун-Горно село, каде што има стари гробници од македонски тип кои датираат од 3 и 4 век п.н.е. Од тука се искачуваме на манастирот „Трескавец“ каде ќе има ручек, традиционално планинарско гравче, потоа слегуваме кон Маркови кули, манастирот Св. Архангел Михаил и маршот ќе заврши во амфитеатарот во населбата Варош“, истакна Методија Ризановски, претседател на планинарско друштво „Козјак“.

_MG_0999

По овој повод планинарите одржаа и средба со градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој истакна дека соработката на „Козјак“ со локалната самоуправа на Прилеп е одлична и дека Општината секоја година и финансиски го поддржува друштвото, кое е најстаро планинарско друштво во Прилеп, основано во далечната 1938 година. Друштвото моментално броело 100 членови.

_MG_1009

„Големо задоволство ми е што ме посетија членовите на најстарото планинарско друштво од нашиот град. Добро е што друштвото покрај повозрасните членови има и подмладок. Планинарењето отсекогаш има голема традиција во нашиот град и ова е еден од поголемите спортско-рекреативни брендови на Прилеп. На голем број од активностите кои ги организира друштвото и јас лично сум присуствувал, а исто така и оваа година како локална самоуправа ќе го помогнеме друштвото со одредени финансиски средства. Соработката е на одлично ниво и таа ќе продолжи и понатаму. Моја препорака до најмладите е тие да се занимаваат со планинарење кое е еден од најубавите и најактивни спортови“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_1027

Планинарското друштво „Козјак“ годинава по трет пат планира да го организира и кампот за едукација на млади планинари кој ќе се одржи во месец јули во месноста Беловодица. Годинава на овој камп било планирано да учествуваат 80 млади планинари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.