Тошковски и Славевски потпишаа договор: Народна Банка ќе чува податоци во дата центарот во Прилеп

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески денес потпишаа договор со кој Министерството за внатрешни работи и отстапува простор во Центарот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата во Прилеп, за колокација на информатичко-комуникациска опрема на Народната банка.

Центарот во Прилеп ќе се користи како дополнителна локација за информатичката инфраструктура на Народната банка, со што продолжува зајакнувањето на отпорноста и унапредувањето на сигурноста на информацискиот систем, особено во случај на кризни настани предизвикани од природни непогоди и кибер напади.

Центарот претставува резервна база (back-up) за клучните и витални информациски системи во земјава, која обезбедува нивно непречено функционирање во случај на прекин или закана за примарниот систем. Истовремено, гарантира безбедно чување на податоците при природни непогоди или катастрофи предизвикани од човечки фактор и овозможува компатибилна размена на информации со другите институции

Покрај Министерството за внатрешни работи, Центарот го користат и повеќе други државни институции, како што се Центарот за управување со кризи, Државниот завод за статистика и Царинската управа. Интерес за користење на Центарот имаат изразено и бројни министерства и агенции, а истовремено постои отвореност за соработка со сите останати институции и релевантни субјекти.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.