Торжествено чествување на Петковден во храмот Св. Петка во Прилеп (Фото)

Со масовно присуство на Архиерејската Божествената Литургија во храмот „Св. Петка“ во населбата Точила во Прилеп, а во духот на вековното православно чествување, прилепчани торжествено го прославија денешниот празник посветен на молитвената застапничка и закрилничка, преподобната Параскева (Петка) Епиватска, или меѓу народот познат како Петковден.

Со Божествената Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, а во сослужение на архиерејскиот намесник на Прилеп, протоерејот Влатко Ристески, в.д. старешината на храмот „Св. Петка“, протоерејот Љупче Петрески и протоѓаконот Драган Ѓорѓиески.

Пред самиот почеток на Божествената Литургија, Неговото Високопреосвештенство благоволи да го ракопроизведе во чин чтец проф. д-р Трајче Мицески.

Во празничната беседа, владиката Петар говореше за преподобната Параскева и за денешното евангелско четиво во кое се говори за петте разумни и петте неразумни девојки.

На мноштвото верни прилепчани а особено на оние чија домашна закрилничка, односно домашна слава, им е денешната светителка, митрополитот Петар им го честиташе денешниот празник и домашната слава, а на новиот градоначалник, д-р Борче Јовчески, кој присуствуваше на богослужбата, му го честиташе изборот, му посака успех во работењето и порача дека очекува чесно и одговорно водење на градот, да „биде среден по примерот на светските метрополи, а по вера како Ерусалим“. Митрополитот Петар упати честитки и до новоизбраните советници од сите партии.

„Честит нека е празникот и за многу години нека е името на оние што го носат нејзиното Свето име!“ – благослови владиката Петар.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.