Востановената практика, МТФ ,,Војдан Чернодрински,, да почне првиот петок во јуни, годинава нема да се одржи. Се пролонгира одржувањето на фестивалот. В петок на 5 јуни нема да се крене завесата за старт на театарскиот фестивал. Корона кризата го направи своето. Љубителите на театарот нема да уживаат во еднонеделно театарско доживување на фестивалските претстави во редовниот термин.
Уметничкиот директор Катарина Хаџивасилева Коцевска се надева дека фестивалот ќе се одржи во септември.
– Ќе одржиме онлај состанок со членовите на фестивалот и ќе донесеме одлука што понатаму. Дај Боже кризата да помине и во септември да го одржиме 55-то издание на МТФ ,,Војдан Чернодрински,,. А имав толку многу замисли за јубилејното издание. Реализацијата зависи не само од кризата, туку и од одлуките што ќе ги донесеме. Годинава воспоставивме соработка со европската мрежа за современа драма Еуродрама и треба да ги доделиме наградите за избрани драми – вели Коцевска.
Една од наградените е и драматургот на прилепскиот театар Лидија Митоска Ѓорѓиевска за необјавуваната и неизведувана драма ,,Саатот,,.
Еуродрама е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови, организирани во 30 јазични комитети. Мрежата го поттикнува преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.
Инаку, во досегашната историја на фестивалот, само еднаш се случило да не се одржи од оправдани причини пред 40 години.
Во планираниот термин, почетокот на јули нема да се одржи ни фестивалот на народни инструменти и песни ,,Пеце Атанасовски,,. Според најавите, годинашното издание се ,,токми,, за крајот на август. Секретарот Златко Лашкоски вели дека сепак ќе има семинар, промоција на зборник, но дека ќе има редукција на изведувачи само да се продолжи и одржи традицијата. Што ќе биде поконкренто и како, ќе се знае наскоро, откако членовите на фестивалот ќе добијат насоки од Министерството за култура што ќе бидат навреме откриени на јавноста.