Театарот „Војдан Чернодрински“ со претставата „Глембаеви, уште Легенда“ гостува во Загреб

Театарот „Војдан Чернодрински“ со „Глембаеви, уште Легенда“ од 18 до 22 ноември гостува во Загреб, каде пред загребската публика трипати ќе ја изведе заедничката претстава, која премиерно беше прикажана во октомври во нашиот театар. (19,20, 21.11.2019 од 20.00 часот).

Режисер на претставата, што е копродукција со Еуроказ, е Бранко Брезовец, композитор Никола Мицевски, сценограф Ивана Кнез, а играат осуммина актери од ансамблот на театарот „Војдан ЧернодринскИ“ и петмина загребски артисти.

Проектот „Глембаеви, уште една Легенда“ настанува како финален резултат на долгогодишното интересирање на хрватскиот режисер Бранко Брезовец за драмата Господа Глембаеви на Мирослав Крлежа, која што тој досега три пати ја има поставено на сцена и тоа во Ријека, Загреб и Прилеп.

Оваа претстава-есеј, ја доприра можноста на односите Глембај – Ангелика (Aнгелика како фигура на Спасението и за стариот Глембај), Леоне – Зилбербрант (нивното љубовничко наговестување, па со тоа и ослабеноста на еротскиот контакт меѓу Бароницата и Зилбербрант), односот на Оливер со Бароницата и Глембај (потполно неелабориран во драмата).

„Глембаеви, уште една Легенда“ ја поместува драмата на Крлежа од хоризонтот на мотивациска ибзеновштина и ја приближува кон стринберговската приватна симболика на Патот за Дамаск.

Уметничката организација Еуроказ е основана во 1987 г. како фестивал на нов театар кој во текот на своите 27 фестивалски изданија се профилирал како еден од највлијателните фестивали во регионот и на кој настапиле над 300 уметнички групи од целиот свет. Фестивалот се одржуваше во континуитет од 1987г. до 2013г.

Од 2006 г. Еуроказ се оддалечува од презентациската и информативната функција, и станува продуцент и копродуцент на проекти со домашни и меѓународни уметници и партнери, а од 2014 г. продукцијата станува главната дејност на Еуроказ. Од самите почетоци, Еуроказ повикувал и соработувал со македонските театри.

Ова е второ гостување на прилепскито театар на Еуроказ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.