Лица кои се претставуваат како верници на МПЦ-ОА, од Преспанско-пелагониската епархија, повикуваат на палење и палат Библии за деца, само затоа што биле напишани од автори кои не се православни, пренесува Религија.мк.
Иако Библиите се издадени и рецензирани од високо еминентни професори по Теологија од Богословскиот Факултет и се со благослов на МПЦ-ОА, тие смеаат дека таквите книги треба да бидат јавно спалени.
Повикот преку фејсбук го објавил извесен Кире Писмановски, кој напишал: „Браќа и сестри доколку му подарија ваква библија на вашето дете денес најмалку што можете да направите за вашето дете , а и за вас е да ја фрлите или запалите.. Толку“.
На неговиот пост во коментарите е прикачено и видео во кое друг корисник на социјалната мрежа пали два примерока на оваа книга, а како наслов на видеото напишал: „Православие или смрт“.
Иако овој чин претставува класичен повик на ширње и спроведување на верска омраза, обвинителството засега не реагира. Веќе подолго време на социјалните мрежи на удар од „талибанските православнци“ во Македонија се и свештеници на МПЦ-ОА, но и јавни личности кои ќе споделат какво било поразлично мислење кое се коси со радикални сваќања на верата. Особено тоа беше случај за време на пандемијата, но обвинителството не отвори ниту еден случај.
За конкретниот случај со палењето на Библиите, рерагише отец Филип Иванов од Евангелската црква во Велес.
О, СВЕТА ПРОСТОТИЈО! – извикал протестантскиот реформатор Јан Хус кога бивал спален на клада, зашто една жена „побожно“ пристапила, фрлила дрво во оганот во кој горел тој, се прекрстила и си заминала.
Вчера такви „правоверни“ зилоти снимале видео како заедно со своите деца палат детски Библии затоа што биле протестантски, еретички, секташки. Во видеото, кога не се пали веднаш Библијата, дури вели: „Од клетите е, нејќе ни да гори“. Еден куп други на објавата исто така повикуваат да се спалат, искинат или закопаат Библиите.
Два моменти се многу важни тука:
Библиите за млади иако се од протестантски автор и се финансирани од протестантска мисија се со препорака т.е. благослов на Архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. Содржината е проверена од Богословскиот факултет. Библиите се делат од страна на православни свештеници, во православни цркви после литургија. Библиите се подарок, кој сака може да земе, на сила никому не се натураат.
Донацијата од 225.000 вакви Библии беше предадена во целост на МПЦ-ОА, ниту една протестантска црква не доби ниту една ваква Библија. Единствено јас (по друг канал) успеав да добијам неколку стотини примероци за нашите деца и млади, што значи скоро секоја ваква Библија е во циркулација благодарение на МПЦ-ОА. Оттука, глејте апсурд, дечињата и младите од протестантските цркви кои радо би ги читале, не добија ниедна, додека дел од тие што ги добија сите, ги палат или фрлаат.
Ова е тој неразумен зилотизам, односно нехристијанска ревност во христијанските конфесии, ревност што заслепена од омразата кон другиот е спремна на палење Библии, цркви, а не дај Боже и луѓе…
Објавава нема за цел и нема да дозволам да биде употребена за напаѓање на оние што поттикнуваат кон вакво нешто или оние што го извршиле ова нешто, туку е тука да се вразумиме и покаеме, а притоа да останеме на Христовите зборови „Прости им Господе, не знаат што прават“.
Господи помилуј, напиша о. Филип на фејсбук.