Таи Чи и Чи Гонг како безбедна и ефикасна практика за време на бременоста – Кинески гости во прилепска гинекологија (ФОТО)

По повод Светскиот ден на Таи Чи и Чи Гонг (World Tai Chi and Qigong Day), во просториите на Школата за трудници при ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ во Прилеп се одржа настанот „Спокојни почетоци“, во организација на УНФПА, Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, во соработка со болницата.

Настанот беше посветен на унапредување на здравјето и благосостојбата на бремените жени, со акцент на Таи Чи како безбедна и ефикасна практика за време на бременоста. Идните мајки и нивните партнери имаа можност да се запознаат со придобивките од оваа древна техника, која ги обединува нежното движење, правилното дишење и менталната релаксација.

Трудниците имаа можност да се запознаат со придобивките од оваа древна техника преку стручни предавања и практична сесија водена од сертифициран инструктор, како и да добијат едукативни материјали за примена на здрави навики и во домашни услови.

-Како Одделение за гинекологија и акушерство, остануваме посветени на воведување современи и сеопфатни пристапи за грижа за здравјето на жените, со цел да обезбедиме најдобар можен почеток за секое ново семејство, вели Д-р Билјана Кржеска, началник на прилепска гинекологија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.