„Супер Марио“ е еден уникатен проект на ниво на Македонија каде 15 волонтери секој ден се грижат за 100 стари и изнемоштени лица. Овој проект во Прилеп функционира веќе 4 години и работен е според сите европски стандарди. Проектот се спроведува со координација на Општина Прилеп и Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“. За реализација на овој проект секоја година од буџетот на локалната самоуправа се одвојуваат околу 1 милион денари.
Целта на волонтерите е да ги посетуваат старите лица неколку пати неделно, да им купуваат намирници, лекови, да им плаќаат сметки, да им средат нешто во домот, но и едноставно да ги дружат и да поразговараат со нив.
Инаку овој проект како идеја е произлезен од настанот „Ден на идеи“, како предлог на Здружението на пензионери на град Прилеп. „Денот на идеи“ исто така е еден интересен и уникатен проект кој локалната самоуправа на Прилеп го воведе во 2011 година, а кој придонесува за зголемување на транспарентноста на локалната самоуправа.
Од Општина Прилеп велат дека планираат идната година да се прошири проектот „Супер Марио“ со повеќе средства, бројката на волонтери да се искачи од 13 на околу 20-тина, и бројката на стари лица од 100 да се зголемиме на 150 до 200 лица кои ќе бидат корисници на овие услуги.
Сите заинтересирани лица кои сакаат да добијат бесплатна социјална услуга и информации во врска со проектот за стари и изнемоштени лица во домашни услови можат да се обратат во приемното одделение во локалната самоуправа и во просториите на Домот за стари и изнемоштени лица „Киро Крстески Платник“ или на телефонските броеви 048/ 401-720 и 048/428-807 во период од 08.30 до 15.30 часот.
Во состав на домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ функционира уште еден проект од социјалната заштита, а тоа е народна кујна, чии услуги ги користат околу 100 лица. Овој проект се реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика.