Владеачката партија вчера пред зградата на ЕУ во Скопје, го одржа својот централен митинг во пресрет на претседателските избори.
Во првите редови беа министрите и замениците министри во Владата, облечени во маички во разни бои.
Министерот за транспорт и врски од Прилеп, Горан Сугарески, се фотографирал со заменикот министер за образование Петар Атанасов.
Добро би било доколку Сугарески оваа средба со Атанасов ја искористил и за лобирање за повисоки плати за наставниците и професорите, бидејќи просекот на плати во основното и средното образование е далеку под просечната плата која ја презентираше владата во јавноста.
Плата од 21 699 денари не е достојна за луѓе кои животот го посветуваат да изградат образовани кадри кои треба да бидат иднината на државата.
Владата нема слух за барањата на просветната фела, иако синдикалците се заканија со генерален штрајк.
На пример во Полска, Владата им нуди на наставниците зголемување од 15 проценти на нивните плати, но тие бараат 30% покачување.
Штрајкот на учителите во Полска денеска влезе во втората недела, а Владата им порача дека нема пари за нивните барања.
Претседателот на главниот синдикат на учители ЗНП Славомир Брониарц изјави дека тоа е неприфатливо и бараат итни преговори со Владата.
Тоа е прв штрајк од таков вид во Полска од 1993 година.