Поранешниот функционер на СДСМ, Горан Сугарески, му даде јавна поддршка на Венко Филипче и отворено објави дека на 30 јуни ќе гласа за поранешниот министрер за здравство и актуелен пратеник да биде нов претседател на партијата.
„Со целосна почит кон моите партиски другари и другарки кои се кандидираа за претседател на СДСМ, на внатрепартиските избори закажани за 30 јуни, мојот глас ќе го дадам за д-р Венко Филипче“, се огласи поранешниот пратеник и министер за транспорт и врски.
Трката за прв човек во СДСМ официјално ќе се води помеѓу петмина кандидати – неврохирургот Филипче, Славјанка Петровска, Јован Деспотовски, Александар Бајдевски и Златко Ристовски активист на СДСМ од Битола.
Филипче, во изјава за 360 степени вели дека токму размислувањето на членството и нивните сугестии за како да се подобрат состојбите во партијата се инкорпорирани во неговата програма.
„Мојата идеја и план, мојата визија што ја имам преточено во програмата што ја доставив и која е целосно компатибилна со барањата, сугестиите и забелешките на нашите членови што ги слушнав за време на кампањата за парламентарните избори, е еден систем што сметам дека треба да се имплементира во партијата“, смета Филипче.