Од пристигнатите 25 случаи, Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции анализираше 19, од кои кај 10 случаи утврди дека се непотребно извршени операции или непотребно се упатени за операции, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.
Тој посочи дека од доставените 25 случаи, комисијата утврдила дека шест треба да се испратат до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи таа не е надлежна.
Претседавачот на комисијата, доктор Жарко Христовски рече дека во оваа првична фаза анализирале само потреба од реваскуларизација т.е.кај пациенти кои имаат васкуларна болест независно дали кардијална или периферна, а сите други пациенти кои треба да се анализираат по пријава или при следната фаза од нивното работење.
– Донесувавме одлуки на демократски начин на база на достапната медицинска документација и само досега од досегашната работа по пријави од пациенти лично доставени до Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) или по пријави доставени од медицински установи до ФЗО и Министерството за здравство. Со резултатите од оваа првична наша анализа ќе настапиме заедно со меѓународната комисија која е поканета од страна на Министерството за здравство, од дополнителна анализа на овие случаи за кои утврдивме проблематична индикација или евентуално проблем во поставување индикација и воспоставување некаква стратегија за лекување, рече Христовски.
Со конечните резултати и за овие пријавени случаи и со тоа што ќе го работиме во втората фаза, која се состои во влегување во институциите кои се занимаваат со кардиоваскуларна медицина во државата со некаква рандом стратегија која ќе ја донесеме на следниот состанок, посочи Христовски, ќе направиме анализа на одреден број случаи околу стратегијата на лекување на пациенти со кардиоваскуларни проблеми.
Појасни дека сето ова во натамошниот дел ќе треба да донесе некакви заклучоци за подобрување на третманот на овие пациенти.
– Значи со интегрирањето на приватното и јавното здравство во донесување на стратегии и размена на информации тоа би требало дефинитивно да биде заклучок и финален резултат од работата на комисијата. Засега кај 10 случаи најдовме прекстензивна поставена индикација и тие ќе бидат предмет на обработка во понатамошната наша работа. Значи го очекуваме формирањето на меѓународната комисија и потоа со анализа на комплетната медицинска документација да донесеме и дефинитивни заклучоци и од тоа да произлезат и одредени натамошни стратешки потези кои ќе ја подобрат здравствената заштита од оваа област на граѓаните, додаде Христовски.
























