Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, гостуваше во дневникот на телевизијата „Пинк“, едно од неговите најомилени студија, жалејќи се дека „странски служби“ упорно трошат големи суми пари обидувајќи се да го соборат од власт, пренесуваат српските медиуми.
Тој зборуваше за студентските протести ширум земјата.
„Ако треба да кажам кој е губитник во оваа ситуација, тогаш тоа сум јас, како и сите ние што се занимаваме со оваа земја. Никогаш нема да кажам дека студентите се губитници, бидејќи тоа би било погубно за нашата земја. Ако некому му е важно кој победи, тогаш тоа се студентите, ако треба да кажам кој загуби, нека бидам јас“, рече Вучиќ и го повтори своето тврдење дека „сите барања на студентите се исполнети“, додавајќи и дека „добиле многу повеќе“.
Потоа Вучиќ се осврна на одлуката на училиштата кои се приклучија на средношколскиот бојкот, велејќи дека тоа е „многу неодговорна одлука“.
„Ве прашувам, наставници. Целата плата ја добивте за јануари, за февруари ќе земате колку што работевте. И како децата ќе надоместат? За нас прашањето е што сакаат да знаат овие деца, а не каква оценка ќе им дадете. Ќе се вратам на студентските блокади, повеќе им верувам на студентите отколку на нивните професори, бидејќи за некои е срамота да се каже дека се професори“, рече Вучиќ.
Тој се пожали дека „странски земји“ вложиле огромна сума пари за да го соборат од власт.
„Иако вложија многу пари во нашето уривање, не успеаја. Не рекоа тие: Вучиќ да даде отказ, туку ставија крвави раце врз луѓе кои немаат врска со нив и им рекоа дека се „убијци“. Буквално ме фасцинира колку пари се вложени за моето рушење. Мислам, секоја од странските земји вложи толку пари, во последните 10 години милијарда и пол, а кога почнав да бројам, тоа се три милијарди евра“, рече тој.