Стеван Николоски – Германо е последниот наланџија во прилепската Стара чаршија. Неговиот дуќан, сместен во близина на градската Саат кула е сведок дека овие обувки некогаш биле во мода и ги носеле и млади девојки и возрасни жени. Она што го наследил како занает од дедо и прадедо денес уште го негува и вложува крајни напори да го задржи како сведок на едно време. Наланите денес се купуваат претежно како сувенири, нивната трајност не може да се спореди со денешните летни обувки, но времето си го прави своето, вели Стеван Николоски.
-Колку време овој занает живее во вашето семејство?
-Ова е фамилијарен занает и се пренесува од колено на колено во мојата фамилија. Прадедо ми, дедо ми, татко ми и сега јас. Случајно започнав да го работам овој занает. Јас сум инженер-агроном, но со стечаите во 2000-та година морав да најдам друга работа. Најпрво го започнав како занимација, а сега треба и да се живее од него.
-Од каде го научивте занаетот ?
-Учители во занаетот ми беа татко ми и дедо ми. Три генерации Николовски го работеле.
-Дали може да се заработува и да се живее од занает во Прилеп?
-Зависи за кој занает станува збор. Овие занаети се во изумирање, ова е во историјата. Потребно е време за изработување на едно рало налани, ама нема сметка, материјалот повеќе чини од готовиот производ, а за работната рака да не правиме муабет. Барем ни поминува времето со муабети и смеење, инаку дома што ќе правиме.
Дуќанот е мој инаку не вреди, не се исплаќа да плаќаш кирија, ќе треба од дома пари да носиш. Но луѓево се задоволни, викаат алал да ти е мајсторе ако не си ти нема кој. Му требало грибло, четка, рачка за мотика, за секира ќе дојдат кај мене. Најмногу бараат рачки за секири и за земјоделскиве алатки.
Налани повеќе не се продаваат за носење, тие се во историјата. Туристи, дојденици сакаат да си ги купат, да ги имаат како сувенири.
– Сите производи во вашиот дуќан се рачно изработени. Кои алати ги употребувате при изработка на производите?
-Се употребуваат тесла, чекан, пила, турпија, сето ова рачно се работи.
-Колку време е потребно за изработка на едно пар налани?
-Да започниш со грубо, необработено дрво, најпрво треба да на правиш штица, да ја изделкаш и најмногу две рала налани во денот може да се изработат. Ама џабе и 100 рала во денот да правиш кога нема кој да ги купи. Изработката на едно рало налани чини многу, кожата е скапа, боја треба, изработка на дрвото зема време, ама џабе луѓево пак ќе купат влечки, нема есап, ова е колку да не се заборави.
-Како гo оценувате животот во чаршијата?
-Од дете сум во чаршијава. Имам видено се и сешто. Секакви луѓе иделе овде и табиетлии и муабетџии. Муабетите ќе останат и тоа не оджува овде.
-Кои мерки треба да се превземат за да им се помогне на оние малку занаетчии кои сеуште опстојуваат во чаршијата да опстанат, но и да го добијат статусот што го заслужуваат ?
-Не знам што би можела државата да направи за да помогне. Занаетите се поврзани еден со друг. Порано имаше неколку ковачи, наланџии, ортомџии, налбати но сега нема повеќе. Ковачи сега има уште двајца, а секој сака прво да ја наточи секирта па да дојди овде за рачка. На пазар на тезга повеќе пари се вадат отколку со занает. Но не се жалиме, ова ни е занимација, не релаксира и ни го продолжува животот.
Државата не не’ терети, а за помош не знам што може да превземе.
Нешто за животот во Старата прилепска чаршија !
Јас паметам уште додека татко ми работеше овде, занаетџиите, еснафот се збираа, имаше живот во чаршијата. Во чаршијава имаше 5-6 наланџии и сите соработуваа. По 2-3000 рала налани се продавале годишно, по 5-10000 колчиња се продавале, а сега ни по 100 колчиња за тутун не се продаваат. Денес има само трговци, нема еснафлук.
-Имате ли наследник во знаетот, некој што после вас ќе го работи ова истото?
– Син ми понекогаш иди, но сеуште не изразил желба да го продолжи ова. Но, никогаш не се знае, и јас не планирав да го работам овој занает ама така испадна.