Жалбата на Јувентус да му се врати одземеното Скудето од 2006 година официјално е отфрлена денеска од страна на Врховниот касационен суд на Италија. Овој орган одлучил дека одлуката не е во нивна надлежност затоа што се работи за спортско прашање.
Потсетуваме дека на бјанконерите им се одземени двете титули од 2005 и 2006 година, после познатиот Калчополи скандал, поради што Јуве беше исфрлен во Сериа Б.
Таа титула контраверзно му беше доделена на Интер, кој во 2011 година беше обвинет од страна на обвинителот Стефан Палацио за исто дело, како она за кое Јувентус беше казнет. Но, овој случај веќе бил застарен, па миланскиот клуб не претрпе никакви последици и го задржа шампионскиот трофеј од 2006 година.
Јувентус бараше на Интер да му биде одземено тоа Скудето, но Фудбалската федерација на Италија одлучи дека поминало премногу време од тогаш.
Потоа бјанконерите се жалеа пред Државниот совет, кој се прогласи за ненадлежен. На крајот, случајот дојде до Касациониот суд, кој сега исто така се прогласи за ненадлежен и стави точка на целиот случај.