СССР беше трагедија, ЕУ е пародија: Орбан вели дека Унгарија “нема да танцува на свирката на Брисел”

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го спореди членството на Унгарија во Европската унија со периодот на советската окупација на неговата земја, говорејќи пред гостите во Веспрем по повод годишнината од унгарското востание против советската репресија во 1956 година.

Орбан ја обвини ЕУ дека се обидува да ѝ го одземе идентитетот на Унгарија со наметнување модел на либерална демократија што, како што рече, Унгарците го отфрлаат, пренесува АП.

– Брисел, де факто главниот град на ЕУ, користи методи против Унгарија кои потсетуваат на деновите на советската доминација на Москва – рече тој.

– Се случуваат работи кои нѐ потсетуваат на советско време. Да, историјата се повторува – изјави Орбан на настанот од кој беа исклучени сите медиуми освен унгарската државна телевизија.

– За среќа, она што некогаш беше трагедија, сега е во најдобар случај комедија. За среќа, Брисел не е Москва. Москва беше трагедија. Брисел е само лоша современа пародија – оценува тој.

Орбан повлече паралели меѓу обидите на ЕУ да ја усогласи Унгарија со нејзините правила за корупција и демократија и повеќе од 40-годишната репресија на Унгарија под советска окупација во 20 век.

– Моравме да танцуваме на мелодијата што ја свиреше Москва. И Брисел свирка, но ние играме како сакаме, а ако не сакаме, тогаш не танцуваме! – коментира Орбан.

Во меѓувреме, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го обвини Брисел дека намерно сака да го забрза членството на Украина во Унијата и тврдеше дека блокот е заразен со „воена психоза“ поради новиот предложен пакет помош за Киев.

– Европската унија не е безбедносна организација, таа е политичко-економска интеграција, па затоа е целосно неприфатливо за нас да го оправдуваме идното членство на една земја исклучиво од безбедносни причини – рече Сијарто по состанокот на Советот за безбедност на ЕУ во Луксембург.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.