Од 15 ноември 2025 година е задолжително поседувањето на зимска опрема во возилата. Оваа обврска е од суштинско значење за безбедноста на патиштата, а нејзиното непочитување се казнува со глоба од 45 евра.
За патничките возила (до 3.500 кг), возилата мора да имаат зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри. Доколку се користат летни пневматици, тие исто така мора да имаат шара од најмалку 4 мм, но возачот задолжително мора да поседува синџири за снег кои одговараат на погонските тркала.
За тешките возила (над 3.500 кг) и возилата со 4х4 погон, минималната длабочина на шарата за зимски пневматици е 6 милиметри. Автобусите и товарните возила кои не можат да користат синџири, мора да имаат зимски гуми на погонските тркала и прирачен алат.

























